Воени ветерани на ОВК интервјуирани од Специјалниот суд за Косово во Хаг

Покана да се јават пред Обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено околу дваесет поранешни команданти или други припадници на ОВК.

101

Воениот ветеран од редовите на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Ахмет Рахманај отпатува денеска за Хаг, каде што ќе биде интервјуиран од Специјалниот суд за Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Рахманај е трет поранешен припадник на ОВК што замина за интервју во Хаг во последните две недели.

Претседателот на Организацијата на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати изјави за „Газета експрес“ дека утре за Хаг ќе отпатува и четвртиот ветеран од последната група од четири лица, колку што биле предвидени да се интервјуираат од Специјалниот суд.

Гуцати вели дека не знае во кое својство се повикани ветераните, затоа што тоа не е специфицирано во поканите од Хаг.

Специјалниот суд во Хаг, познат во косовската јавност како „Суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии. Формалната работа оваа меѓународна правна институција ја започна на 14 јануари годинава, со испитувањето на еден од поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово.

Покана да се јават пред Обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено околу дваесет поранешни команданти или други припадници на ОВК. Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.

Првите обвиненија за злосторства на поранешни припадници на ОВК врз цивили Албанци и Срби во Косово, според приштинските медиуми, ќе бидат подигнати во текот на оваа година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...