Водата што ја пиеме е стара 30 години, а во Виена тече вода од пред 100 години (ГАЛЕРИЈА)

3079

Ако сте родени во Скопје и пиете скопска вода, вие сте огромен процент од таа вода. Вашето ДНК ја препознава вашата вода, како вода за пиење. Затоа водата се третира како храна. Кога ќе отидете на друго место, не ви е иста водата. Секој си ја бара својата вода. Значи водата е поврзана со домата.

Вака рече Зоран Божиноски, директор на Центарот за санитарна контрола, инженер технолог и доктор на технички науки, на денешната посета на претставниците на медиумите на изворот Рашче по повод Светскиот ден на водата.

– Во светот нема две исти води. Модерното водоснабдување на Скопје почнува во 1936 година со активирање на оваа каптажа. Каптажа е хидротехнички објект кој зафаќа повеќе извори во едно место. Бидејќи градот растел како што растел, а и уште ќе расте, направена е каптажа и во 1991 година, со уште пет – шест мали изворчиња. После одлуката за заштитните зони на Рашче, кога се констатирани правците на движење на подземните води и зоните на прихранување, заради заштита на извориштето на каптажата Рашче 1 од евентуални влијанија на Вардар, тука каде што почнува шумата, формирана е длабока глинена завеса која не пропушта вода – појасни Божиноски.

Тој додаде дека патувањето на водата до Скопје почнува од Шара. Заштитните зони и правците на движење се определени со истражувања од низа години.

– Феноменот е што ние го имаме Жеден како масив од калцит, кој му служи како природен филтер на водното тело. Така што Рашче 1 никогаш не е заматен. Иако е по структура карстен извор, кој се заматува. Но овој извор, поради овие хидрогеолошки феномени, е уникатен. Водата за пиење во јавното водоснабдување е потреба. Се друго е право на избор. Може некој да пие и вино и ракија, но она што ние го гарантираме согласно законот, е вода со исполнети критериуми, заради заштита на населението. Ние се грижиме за вашиот мир. За да ја отворите славината кога сакате, да ви потече вода колку сакате и да бидете безбедни. Па можете и да коментирате – рече Божиноски.

Скопјани пијат најубава вода во државата

Според Божиноски, скопјани пијат најубава вода во државата затоа што е најчиста, константна, по потекло е од еден хидрогеолошки феномен кој е единствен во Европа. Тој го карактеризира ресурсот што се дистрибуира како вода за пиење, како идеално балансиран, никогаш незаматен, со константна температура, со многу благи варијации во составот, зависно од годишното време.

Имавме прилика да пробаме и нехлорирана вода.

– Масивот Жеден е филтер на ресурсов. Ова извориште има две каптажи, Рашче 1 и 2, сета вода што доаѓа од Шара и од околните зони за прихранување, се филтрира низ жеденскиот масив кој е карстно подрачје – рече Божиноски.

Директорот на ЈП Водовод и канализација, Душко Весковски, рече оти како јавно претпријатие го гарантираат квалитетот на водата за пиење на граѓаните на град Скопје.

– Го имаме еден од најдобрите извори во Европа а тоа е Рашче 1 и 2 – рече Весковски.

Скопската вода е една од најдобрите три во Европа

Градоначалникот Петре Шилегов нагласи дека скопската јавност можеби за прв пат ќе има прилика, преку медиумите, да види кое е местото од каде што доаѓа водата за пиење, каков е системот за водоснабдување и безбедноста на водата.

– Може да се види дека невозможно е да биде загадена водата во Скопје. Сите евтини обиди за лесни политички поени со лажни вести за тоа дека нешто и фали на водата, најдобро се демантираат на овој начин. Скопската вода е една од најдобрите три во Европа. Куриозитетот што можеби не се знае, е дека водата што ја пиеме е стара триесет години. Толку е потребно за низ природните филтри, водата од Шар Планина да дојде преку подземните патишта. Во Виена е на пример сто години стара водата. Скопје и Виена се веројатно единствените градови во Европа кои го имаат овој геолошки феномен – посочи Шилегов.

Тој додаде оти Градот Скопје гарантира дека водата што ја пиеме е совршено здрава.

– Да не се подлегнува на политикантски или исфрустрирани изјави од поединци кои сакаат да внесуваат страв меѓу граѓаните – рече тој.

На новинарско прашање, Шилегов соопшти дека осум проценти од водоводните цевки во Скопје се азбестни. Дел во Ченто и во Драчево и се работи на нивна замена.

– Интензивно се работи. Низ цел град вршиме прекопи кои знам дека се можеби непријатни за граѓаните, но се за изградба или на канализациони системи, или за промена на водоводните системи кои се дотраени, или се за изградба на гасоводот – рече тој.

Беше појаснето дека азбестна цевка не е цевката која го водоснабдува градот. Кога има дефект на таа цевка, беше речено, во моментот кога се сече и се поправа дефектот, прашината која излегува од таа цевка е проблематична.

Прашан зошто село во Зелениково се уште нема вода, градоначалникот одговори дека селото е надвор од административниот опфат на град Скопје и за тоа е одговорна општина Зелениково, но Градот е расположен да донесе онолку колку што може од цевководниот систем. Или, граѓаните од Зелениково во подземните бунари можат да изработат водовод. Нагласи дека не може да се каже староста на цевководниот систем, затоа што обновата на цевките е перманентна. Во моментов, просечната старост на цевките е околу десетина години.

Алтернативни извори на вода секогаш треба да има. Градот инвестира во истражувања. Рашче има вишок на вода и прелив. Се користи изворот 1, а другите се резервни извори. Граѓаните во ниту еден момент не треба да помислат дали ќе има доволно вода и со каков квалитет.

Секојдневна контрола на водата се врши на 36 мерни места

Го посетивме и хемискиот оддел за анализа на водата за пиење. Секојдневната контрола се врши на 36 мерни места. Тоа е редовен дневен мониторинг, информираше Билјана Петровска, раководителка на хемиската лабораторија и специјалист по хемиски науки.

– Се прават и проширени периодични анализи. Основниот преглед опфаќа 14 параметри. При периодични и проширени прегледи, се опфаќаат педесетина параметри. Високото место во Европа може и да се докаже – увери Петровска.

Таа додаде оти има современа лабораториска опрема. Меѓу другото, се проверува и минералошкиот состав. Таа има дваесет и две години искуство и тврди дека нема промени и варијации кога се работи за хемија во водата за пиење. Се е под апсолутна контрола. Лабораторијата постои повеќе од 50 години.

Видовме и каде се проверуваат тешките метали. Во скопската вода, тешките метали се отсутни.

Наташа Манолева, специјалист по санитарна хемија и раководителка на микробиолошката лабораторија во Центарот за санитарна контрола на Водовод Скопје, рече дека и овде секојдневно се испитува водата.

– Има и лабораторија за испитување на површински, отпадни води. Досега немаат регистрирано загадување во водата. Нена никакви бактериолошки наоди – рече Манолева.

Жени ја испитуваат водата што ја пијат скопјани. Ова го забележавме во лабораториите во кои се потврдува квалитетот на водата. Ни рекоа дека мажи во моментов нема, најверојатно поради тоа што можеби никој нема завршено таква струка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...