Внимание: Во Србија почнува мерењето на просечната брзина на автопатите

Од Белград до Ниш, не смее да се стигне побрзо од еден час и 58 минути.

1119

Во Србија од утре почнува мерењето на просечната брзина на возење на сите делници од автопатотире, а сообраќајната полиција ќе почне со казнување на сите оние кои, дури и за еден километар, ќе ги надминат дозволените 120 километри на час.

Камерите на „Патишта на Србија“ се инсталирани на сите за таа намена утврдени локации, а брзината ќе се мери врз основа на времето на преминување од една до друга наплатна рампа.

Возачите со српски регистарски таблички кои ќе возат со просечна брзина поголема од пропишаната ќе добијат казна на нивната домашна адреса, а секој возач ќе може да ја види и просечната брзина на движење на сметката добиена на наплатната рампа.

Возачите со странски регистарски таблички, меѓу кои се и македонските возачи, кои ќе возат со просечна брзина поголема од пропишаната, ќе бидат запрени од сообраќајната полиција веднаш на наплатната рампа за патарина и ќе мораат паричната казна за сообраќајниот прекршок да го платат во најблискиот град, каде има судија за прекршоци.

Возачите нема да можат лесно, со можното стопирање на средината од делницата – на одморалиште или на бензинска пумпа да ја избегнат казнатата, бидејќи ќе се зголеми и бројот на возила така наречени пресретнувачи на сите делови на српските автопати.

Така, на пример, на делницата Суботица-Ниш, долга 423 километри, дозволеното време на премин е три часа и 31 минути, додека од Белград до Ниш, не смее да се стигне побрзо од еден час и 58 минути.

Од Хоргош до Прешево, на делницата долга 537 километри, не може да се вози побргу од четири часа и 16 минути, а од наплатната рампа Врчин кај Белград до Прешево, минималното време на премин во дозволените рамки изнесува – три часа.

Возачите, кои на српските патишта, ќе возат побрзо отколку што им е дозволено во просек, ги чекаат следните казни: За возење со брзина од 120 до 140 километри на час, следува казна во износ од 3.000 динари, додека за возење со брзина од 141 до 150 километри на час ќе мора да платат парична казна од 5.000 динари (едно евро = 117.9 динари)

Со 10.000 динари ќе бидат казнети оние возачи кои возат со брзина од 151 до 160 километри на час, а со парична казна од 10.000 до 20.000 динари ќе се казнат оние кои возеле со брзина од 161 до 180 километри на час.

За „дивеење“ на српските автопатите со брзина поголема од 181 километри на час и 201 километар, казната е од 20.000 до 120.000 динари, а предвидена е и затворска казна од 30 до 60 дена и одземање на возачката дозвола.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...