Скопје и Македонија се гушат во загаден воздух, а Зоран Заев и Петре Шилегов не преземаат ништо, обвинува опозиционата ВМРО-ДПМНЕ.
– Веќе неколку недели по ред Скопје е меѓу најзагадените градови во светот. Граѓаните имаат сериозни последици врз нивното здравје, особено хронично болните, децата и постарите. Како последица на неодговорниот пристап на црната власт на СДСМ кон животната средина десетици граѓани завршуваат на лекар секој ден поради проблеми со здравјето настанати заради загадениот воздух.Граѓаните се соочуваат со реални здравствени проблеми заради загаденоста, а власта само ги завива во црно нивните животи – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, информациите кои доаѓаат од светски реномирани институции треба да бидат последен аларм на власта, која потроши 2 години без да реализира ниту еден проект за подобрување на квалитетот на воздухот.
– Наместо конкретни решенија на проблемите со енормното загадување, министерот за животна средина Садула Дураку дрско и безобразно вели дека не се занимава со граѓаните, Петре Шилегов организира стенд ап настапи, а Зоран Заев заборави на ветувањата за почист воздух во целост- додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.