Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски денеска ја обвини Владата за нелегални тендери и побара оставки од вицепремиерот Кочо Анѓушев и директорот на фондот за иновации, Јован Деспотовски.
– Пред една недела, вицепремиерот Кочо Анѓушев излезе на говорница и рече дека му било „чест и задоволство и голема радост” што фондот за иновации делел 10,5 милиони евра. Па како нема да му биде кога на фирма во која што како сопственик тој фигурира негова компанија се доделуваат 160 000 евра – рече Арсовски.
Тој го цитираше Законот за спречување на судир за јавни интереси, каде пишува дека судир на интереси подразбира судир на јавните овластувања и должности со приватниот интерес на службеното лице, во кој службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз вршењето на неговите јавни овластувања и должности. Додека пак, во Кривичниот Законик на Република Македонија јасно и прецизно, како што посочи Арсовски, е предвидена казна затвор за сите оние кои го прекршуваат Законот за судир на интереси.
– Значи на Кочо Анѓушев му се заканува казна затвор од најмалку 3 години. Кочо Анѓушев, заедно со Јован Деспотовски директорот на фондот за иновации и Зоран Заев кој е премиер на Репубика Македонија, беше потпишан на грантовите, односно чековите кои што ги добиваа избраниците.Оттука, јавно го повикуваме Јавното обвинителство на Република Македонија, да не спие, конечно да се разбуди и да почне да го гони криминалот. Органите за прогон веднаш да поведат постапка против Анѓушев и Деспотовски. Истрага мора да има за ваквиот однос кон народните пари кои што се трошат и се грабат на секој начин. За да нема притисоци врз истражните органи Анѓушев и Деспотовски треба веднаш, уште во моментот да си поднесат оставки – рече Арсовски.