Влатко Ѓорчев е сериозен кандидат за претседателската трка

Мојот некогаш традиционален опонент Влатко Ѓорчев, човек со кого имаме многу различни политички погледи, нема криминално досие, нема антиевропска и антизападна агенда и реторика и нема амбиции својата кампања да ја обои со авантуризам и катастрофични сценарија. Познавајќи го, јас сум сигурен дека тој ќе води многу тврда преткампања и кампања, со остри напади врз политиките на СДСМ, но верувам дека страста нема да го одведе во погрешна насока, за да го доживееме како раскокодакан маргиналец во трката.

11596

Мојата пријателка Билјана Бејкова деновиве на Фејсбук напиша: „Јас многу сериозно би ја сфатила кандидатурата на Влатко (Ѓорчев). Но, бидејќи вие сѐ си знаете, ќе застанам тука“. Не само што го делам нејзиното мислење, туку и немам намера да застанам тука. Ќе се обидам да објаснам зошто Ѓорчев навистина во моментов е најсериозниот кандидат што ВМРО-ДПМНЕ може да го понуди за претседателската трка.

Пред сѐ, во конкуренцијата која неформално се спомнува во дел од медиумите (наводно претензии имале и непартијците Саво Климовски, Гордана Силјановска и Тања Каракамишева, секој од свои побуди), Ѓорчев недвојбено е фаворит. Тој навистина е млад и одвај ја поминува уставната граница од 40 години, но затоа поседува огромно политичко искуство и има ненадминлива „километража“ во досегашните изборни трки и неспорни заслуги за победите на ВМРО-ДПМНЕ. Како ретко кој во политиката, младиот Ѓорчев навистина ги познава сите градови, општини и села во Македонија и поседува „клуч“ за секој „штраф“ во сложената вмровската „машина“, за прописно да ја забрефта пред изборите. Тоа се квалитети што не се за потценување.

Не е неважно и тоа што Влатко Ѓорчев полека но сигурно конституира силна поддршка и во партиската база што треба да го избере за кандидат. Човекот за кој се сметаше дека би можел да му биде најсериозен внатрепартиски противкандидат, Антонио Милошоски, отворено го поддржа. Моите информации говорат дека Ѓорчев ужива поддршка и од други видни членови на партијата и дека наспроти нападите од маргиналци кои постојано сакаат да бидат „кадровици од сенка“ (Миленко Неделковски, Филип Петровски и слични на нив), Влатко сепак ќе успее да оформи речиси консензуална поддршка за својата кандидатура.

За самата трка и за иднината на земјата, во крајна линија, најважно е тоа што Влатко Ѓорчев е човек без криминално досие, без „путер на главата“ што се вели, без антиевропска и антизападна агенда без амбиции својата кампања да ја обои со авантуристичка реторика и катастрофични сценарија. Познавајќи го, јас сум сигурен дека тој ќе води многу тврда преткампања и кампања, со остри напади врз политиките на СДСМ, но верувам дека страста нема да го одведе во погрешна насока, за да го доживееме како раскокодакан маргиналец во трката.

Патем речено, сакам да го нагласам дека оние што барем малку ја познаваат историјата на ВМРО-ДПМНЕ, од нејзините почетоци до денес, знаат дека јас и Ѓорчев сме воделе многу жестоки, често и неодмерени полемики, за многу прашања и во многу прилики и неприлики. Во политичка смисла, значи, ние двајцата сме биле, сѐ уште сме и веројатно и ќе останеме на спротивните страни на барикадата. Но, треба да се каже и тоа дека полемиките со него за мене секогаш биле мотивирачки и без зла крв. Да, Влатко умее да биде жесток, но и пријателски настроен. Можеби сум наивен, но мене тоа ми се допаѓа. Тоа беше причината поради која додека го водев дневниот весник „Шпиц“, во еден подолг период, на мој предлог, Ѓорчев беше колумнист во весникот и обилно го уживаше правото да критикува сѐ, сешто и секого, отворено и без цензура (вклучувајќи ме тука и мене, како уредник на весникот). Тоа е и причината поради која би сакал да верувам дека неговата кандидатура можеби навестува една тврда, жестока, но сепак рицарска битка за претседателскиот трон.

Како и да е, битката против режимот на Груевски, во која учествувавме и јас и медиумите што ги раководам, одамна заврши. Со пораз на груевзимот, за среќа. „Нашата кауза“ веќе не е во опозиција, туку е на власт. Колку таа навистина остана „наша“, тоа е веќе друго прашање. Но, како и да е, сегашната опозиција, доколку на изборите настапи со сериозен кандидат, што нема намера да се бие со авантуристичка агенда и да шири антизападна хистерија, несомнено заслужува најмалку рамноправен третман со кандидатот на власта. Ако ВМРО-ДПМНЕ се определи за таков кандидат, еве јавно ветувам дека „Слободен печат“ и Плусинфо ќе му обезбедат токму таков фер третман.

Не затоа што имаме обврска кон некого, уште помалку некаков интерес или договор, туку поради задоволството што ќе ни ја пружи можноста и ние, како одговорни медиуми и либерални новинари, да придонесеме претседателските избори да бидат што подемократски, поинтересни и помотивирачки за сите – за политичарите и за партиите, за политичката јавност и пред сѐ за граѓаните што ќе одлучат да го дадат својот глас за еден од кандидатите.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...