Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) уверува дека се преземаат потребните мерки да не се случи исклучување на каналите, откако телекомуникациските оператори најавија дека во понеделник на полноќ ќе престанат да ги реемитуваат домашните и странските телевизии, а граѓаните се во недоумица што ќе се случува.
Од Министерството велат дека постојано се одржуваат состаноци со операторите и со радиодифузерите со цел да се најде решение на проблемот бидејќи нема можност да се одложи промената на спорниот член од Законот за аудио и аудиовиуелни и медиумски услуги донесен во 2018 година.
– Секое драстично решение кое ќе биде на грбот на граѓаните, ќе има подеднакво негативен ефект и на самите оператори и на радиодифузерите. Едноставно сите ќе изгубат. Решението е во дијалог во насока на наоѓање на решение за проблемот. Ние сме оптимисти, уверени дека такво решение постои, а се надеваме дека постои и добра волја. Решението е во дијалогот. Сакаме да ги увериме граѓаните дека се преземаат сите потребни мерки и дека нема да дојде до исклучување на каналите – велат од Министерството и апелираат на општествена одговорност од страна на сите заинтересирани страни.
Оттаму потсетуваат дека земјава има децениски проблем со почитување на авторските права.
– Ние сме последна земја во Европа во која сѐ уште владее вакво беззаконие. Доколку операторите и радиодифузерите досега се договореа за механизми за начинот на кој ќе се обезбеди почитување на авторските права, денес немаше да бидеме во ваква ситуација – велат од Министерството.
Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, додаваат оттаму, се донесе со консензус во Собранието во декември 2018, во инклузивен процес, долга јавна дебата и поддршка од страна на Европската комисија и високиот претставник на ОБСЕ за медиуми Харлем Дезир.
– Иако неговата примена се одложи за повеќе од една година, сепак ништо не се смени и продолжи непочитувањето на авторските права – велат од Министерството.
Од Македонската асоцијација на медиуми, како што изјавија за Плусинфо, засега не сакаат да коментираат како ќе се однесуваат во понеделник за кога Здружението на информатичко-комуникациските технологии најави нивно исклучување од дигиталната мрежа. Оставаат да видат како ќе завршат разговорите.