Словенечките компании кои работат во државата изразиле оптимизам за економијата во земјава. На денешниот работен состанок со министрите од економскиот тим на Владата, словенечките компании споделиле позитивни искуства од искористувањето на мерките од Планот за економски раст, а дале и предлози за унапредување на бизнис климата.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој на состанокот присуствувал заедно со министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска и министерот за странски инвестиции Бардул Даути, истакнал дека Владата посветено работи на овозможување на поддршка за компаниите преку јасни и транспаретни мерки, еднакви за домашните и странските компании.
– Преку мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, лани се поддржани преку 250 компании, домашни и странски, а заедно со други комплементарни мерки Владата кон стопанството испорача над 40 милиони евра во форма на државна поддршка. Оваа година, во буџетот за Програмата за економски развој, планирани се околу 46 проценти повеќе средства за поддршка на стопанството, изградба на инфраструктурата во ТИР зоните, железницата, гасоводот и воопшто за подобрување на бизнис климата. Креирана е позитивна економска клима, а резултатите во економијата се особено поволни. Лани е забележан раст на БДП од 2,7 проценти, што е одличен резултат ако се земе во предвид дека кога оваа Влада започна со работа, стапката на економски раст беше во негатива, дополнително е забележан двоцифрен раст на извозот, раст на индустриското производство, раст на просечните плати, како и рекордно ниво на странски инвестиции од 624,5 милиони евра – нагласил Анѓушев.
Пред претставниците на околу 30 компании, Анѓушев посочил дека државата е позитивен пример во регионот за градење на добрососедски односи со што се создава уште постабилна политичка и економска состојба, а потпишувањето на Протоколот за пристапување кон НАТО допринесува до уште поголем интерес за нови инвестиции и проширување на постоечките производствени капацитети.
Министерката Апостолска нагласила дека интересот на Владата е секоја компанија која е дел од нашето стопанство да биде успешна.
– Во нашата посветеност да продолжат позитивните трендови во економија, Владата усвои и измени и дополни во Законот за финансиска поддршка на инвестициите и тоа како одговор на барањата и идеите од бизнис секторот, од стопанските субјекти, за кои беше и креиран овој Закон. Измените се во насока на олеснување на административните процедури за аплицирање за финансиската поддршка, во проширување на опфатот на компаниите кои се квалификуваат за мерките, како што е вклучување од дејноста на трговијата, ИТ индустријата и секундарното земјоделско производство, под услов да започнат нов производствени процес -рекла Апостолска.
Работниот појадок е организиран од страна на словенечкиот амбасадор Милан Јазбец.