Македонскиот јазик ќе остане истиот и ако мора да му додадеме некоја придавка. Истото го мислам и за името на Македонија. И мене ќе ми биде жал ако мора да го менуваме името, оти сепак, постои тој емотивен однос, таа навика, сето тоа што го врзувавме со името Република Македонија. Но, и да бидеме Горна Македонија, па и Нова Македонија, тука навистина не се губи речиси ништо, вели академик Влада Урошевиќ во разговорот за „Плусинфо“.
Повод за нашиот разговор со проф. Урошевиќ е неговата нова книга, насловена „Маџун“, неодамна објавена во издание на „Магор“.
Во „Маџун“ повторно се навраќате на вашата опсесија – детството, што повторно ве поттикна да пишувате за детството?
– Припаѓам на оние писатели кои сметаат дека детството е огромен резервоар на чувства, на сетилни дразби, на спомени, а сѐ тоа го прави фундаментот на нашата личност. Детството ми се чини како едно многу интересно време за писателот – како тоа да се претстави, како да се пристапи во изнесувањето на фактите. Се определив во овој роман за дете наратор, седумгодишно дете кое го искажува своето доживување на светот во самиот миг. Покрај изнесувањето на некои мои доживувања од детството, сакав да го преставам и времето непосредно пред Втората светска војна, тука во Македонија, во Скопје, токму тука во Дебар маало беше куќата кадешто живеевме. Сакав тоа да го донесам како атмосфера, како еден историски миг. Ми беше интересно да го покажам преминот во Македонија од едно рурално, фолклорно доживување на светот, кон одење кон Европа. Тие две сфаќања се во некаков судир, но истовремено се покажува на кој начин се прифаќаат нештата кои доаѓаат од Европа и како сѐ тоа го менува сензибилитетот и менталитетот на жителите на Скопје.
Што денес им недостига на нашите деца, во споредба со она што го опишувате во трите дела на романот – „Рајот на детството“, „Сјајот на детството“ и „Крајот на детството“?
– Се плашам дека на сегашните деца повеќе им се дава една соџвакана слика на светот. Околу нив се создава еден вештачки рај, и она што е најважно, мислам дека им се одзема допирот со природата. Сегашните деца малку знаат за сѐ она што се случува околу нив во природата, живеат во вештачки свет, а науката и техниката им го надоместуваат вистинскиот живот. Можеби тие деца ќе знаат повеќе за светот, но многу помалку ќе знаат за животот. Во „Маџун“ пак, сакав да покажам колку детето е блиску до природата.
Има ли скриена симболика во самиот наслов?
– Името го одбрав бидејќи звучи загонетно. Тоа е турски збор, значи нешто темно, некоја темна смеса. Ние сме го презеле зборот од Турците како име на онаа смеса што се прави од грозје. Прво, ме привлече егзотичноста на зборот, а второ, затоа што е поврзан со моите лични сеќавања. Навистина баба ми вареше маџун во дворот, во еден голем казан, и јас помагав околу огнот. Маџунот кој не ми го даваа секогаш, за кој сметаа дека не треба да биде главна храна, а јас го обожував.
Опишаните миризби и вкусови ме потсетија на Вашата поестка книга, „Вкусови на праската“, од 1965, првиот постмодерен роман кај нас, кој, во тоа време беше запоставен. Ја добивте ли конечно сатисфакцијата од вредноста на тој роман?
– Тогаш тој роман беше примен со резерва, се сметаше дека не е доволно македонски. На едно читање во Охрид, еден охридски писател, ме критикуваше и рече дека во Париз сум чул и видел некои работи кои тука ги пренесувам. Сакаше да каже дека јас не пренесувам некои автентични нешта кои се карактеристични за нашата средина. После дваесетина години, тој роман почна да се чита. Почнаа да ми приоѓаат млади луѓе и да ми зборуваат за тој роман, а многу млади писатели го фалеа. Подоцна се напиша за него дека е прв постмодернистички роман и така натаму. Задоволен сум што сум го напишал во тој миг.
„Има еден друг град во овој град“, велат стихови на Ваша песна. Каков град има денес во нашиот град?
– Има повеќе градови во Скопје. Направен е еден многу непромислен гест со „Скопје 2014“, гест кој не водеше сметка ниту за спомените на скопјани, ниту за мислењето на стручњаците. Имам впечаток дека тоа беше вкус на еден многу тесен круг на политичари, недоволно образовани. Страшно е тоа што го направија, а не знам како тоа може да се поправи, зашто градењето е скапо, но и рушењето е скапо. Кој сега, во оваа ситуација во која се наоѓаме, ќе се осмели да почне да руши?! Ниту еден политичар не би сакал да влезе во историјата како рушител.
Што најмногу ви пречи од проектот „Скопје 2014“?
– Деведесет и девет отсто од спомениците се направени на ниво на семинарски работи на студенти на Ликовната академија. Во нив нема никаква вистинска идеја, нема содржина. Тоа се обични облици кои се натрупале во просторот. Освен оној споменик на скулпторот Сашо Саздовски, пред Министерството за култура, кој е добар, другите нѐ враќаат во 19 век. Во земји кои биле далеку зад нас во прифаќањето на модерните идеи на уметноста, нема да најдете волку лоши споменици. За жал, не успеавме, ниту МАНУ успеа, да го крене гласот и да рече – чекајте, ова не оди! Притисокот беше голем врз сите, а секое спротиставување се толкуваше како чин на политичка опозиција. За ниту еден од тие споменици не е напишан ниту еден интелигентен текст. Впрочем, многу е карактерситично, тие споменици беа поставувани после полноќ, тајно и кришум, како некое разбојништво.
И покрај бројните реформи, не успеавме да го помрднеме образовниот систем од „мртва точка“. Што треба да се направи?
– Се плашам дека во средните училишта литературата сѐ уште се предава по еден идеолошки клуч, како во времето кога јас учев гимназија, пред 70 години. Лошите ученици имаа формула – ќе ги праша професорот по литература, што кажува оваа песна, а тие одговараа „таа ги кажува маките и страдањата на нашиот народ во историјата“. Тоа беше формула која „палеше“ во 99 отсто од случаите. Од тоа многу останало во денешните гимназии. Нашата естетска мисла не успеа да се ослободи од идеолошките пластови на некогашните идеологии. Инаку, целокупниот систем на образование е пред едно големо пресипитување. Сега, со можностите на Интернет, може да дознаете сѐ за еден историски настан, личност, дело. Сета оваа информатика носи огромни нови прашања пред секој професор.
Се нервирате ли кога ќе земете да читате некоја книга и кога ќе видите дека преводот е лош?
– Да, очаен сум. Мислам дека е подобро една книга воопшто да не биде преведена на македонски, отколку да биде лошо преведена. Бидејќи со лошиот превод се прави двојна штета, и во тој момент, но и во иднина. Немаме толку пари да ги повторуваме преводите. Ако се објави лош превод, тој ја уништува можноста за следен добар превод барем за следните дваесет години.
Каде исчезна книжевната критика?
– Повеќе од 30 или 40 години не сум прочитал некоја критика која, барем малку нешто, би замерила на некој автор. За сите писатели кај нас се пишува сѐ најубаво. Постои таа промотивна критика кај нас, само фалење, и на тоа, за жал, завршува животот на книгата.
Бевте уредник на редакцијата за култура на Телевизија Скопје, денес медиумите како да ја отфрлија културата?
– Во Телевизија Скопје, во тоа време, имавме четири-пет емисии месечно, посветени на културата. Една обработуваше конкретни актуелни проблеми во културата, друга одбележуваше актуелни настани преку критика, „Нова книга“ одбележуваше три до пет книги, па имавме емисија за лирика… Не знам зошто медиумите ја отфрлија културата, дали навистина тоа никого не го интересира? Нема место за книгата никаде. Книжевните списанија, со триесетгодишна традиција, од кои барем три беа сериозни и излегуваа редовно секој месец, згаснаа. Ги отрфливме со еден потег на перо. Ние сме една култура со големи прекини во континуитет. Се разбира, тука има нешто и од законот на комерцијалната исплатливост. Но, културата е нешто што не се исплатува веднаш, туку после многу години. Мене комерцијализацијата не ми е единствен одговор на прашањето зошто толку малку внимание се посветува на културата. Како да има нешто зад тоа, уште нешто.
Што мислите за актуелната ситуација на форсирање на употребата на албанскиот јазик? Може ли македонскиот јазик да биде загрозен?
– Не. Македонскиот јазик не зависи од тоа дали него ќе го зборуваат Албанците или не. Зависи од тоа колку ќе му посветиме ние внимание на јазикот. А, не му посветуваме доволно внимание. Многу малку се посветува внимание и на Институтот за македонски јазик и на неговите изданија. Излезе македонско-македонски речник и тој требаше да биде книга која ќе влезе во секој македонски дом, секој Македонец треба да го има, како икона. За жал, средствата што се даваат за ширење и проучување на македонскиот јазик, воопшто не се доволни. Македонските лектори во странство се сѐ помалубројни, немаме веќе лекторати, освен на неколку унивезритети во странство. Тоа е страшно. Место да го зголемуваме тој број, ние го намалуваме. Не ми е јасно, не е формулата во тоа дека немаме пари, туку ова е некое несфаќање на потребата нашиот јазик да биде третиран во другите земји исто како другите јазици. Се разбира, политиката се замеша лошо во сѐ тоа, онаа сулуда идеја со антиквизација донесе многу зла, одеднаш почнавме да се откажуваме од припадноста кон словенското семејство на јазици. Една страшна нестручност, непознавање на нештата. И сите тие бладања за археологијата, за историјата, донесоа многу штета.
Што мислите за промената на името на Република Македонија?
– Мислам дека во самото име не лежи суштината на нештата. Македонскиот јазик ќе остане истиот, и ако мора да му додадеме некоја придавка. Истото го мислам и за името на Македонија. И мене ќе ми биде жал ако мора да го менуваме името, оти сепак, постои тој емотивен однос, таа навика, сето тоа што го врзувавме со името Република Македонија. Но, и да бидеме Горна Македонија, па и Нова Македонија, тука навистина не се губи речиси ништо! Секако дека сѐ она што досега сме го подразбирале под Македонија и македонски, ќе се префрли на новото име. Нема да го фрлиме сѐ тоа, ниту во светот ќе се фрли. Од 50-те години, па до денес, успеавме да објавиме околу стотина антологии на македонската поезија и на македонскиот расказ во странство, на огромен број јазици. Тоа е еден огромен капитал што го имаме. На сите тие антологии пишува Антологија на македонската поезија. Е сега, ќе дојде тој термин пред македонски, ама добро ќе се знае која земја е, нема да се помеша со некоја друга земја, ќе се знае дека тоа преминува под малку изменета терминологија. Проблемот е повеќе емотивен – зошто јас да го менувам името?, но, ете, такви се условите, за жал, притиснати сме. И колку што се одолговлекува одлуката за името, ние толку повеќе паѓаме во криза. Ако се продолжи во недоглед со преговорите, мислам дека во Македонија ќе дојде до меѓуетнички тензии, а и помеѓу самите Македонци ќе се продлабочуваат разликите во сфаќањата. Повторувам, жал ми е и мене што се менува името, но тоа е општата костелација во светот, а ние не сме ниту голема ниту богата земја која може да се спротистави на овие притисоци. Многу романтичарски се тезите да се прекинат преговорите, што ќе ни се НАТО и Европа, тоа се самоубиствени тези. Не би сакал да ја видам Македонија опкружена од сите страни со земји кои им припаѓаат на НАТО И ЕУ, а ние да седиме како некаков остров меѓу нив. Тоа би било извонредно опасна ситуација.
Колку се слуша МАНУ во сугестиите?
– МАНУ е составена од индивидуалци и МАНУ многу тешко може да донесе единствен заклучок. Сепак, мора да се почитуваат демократските правила. Кога еден академик зборува, тој зборува секогаш од свое име. И многу од грешките на МАНУ беа грешки на поединци кои истапуваа со некои свои идеи, а тие идеи не беа одобрени и општо прифатени во Академијата.