На бавноста на администрацијата, царинските процедури, како и долгиот период на донесување на законите денеска се пожалија бизнисмените на средбата со вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев. Тој, пак, се согласи дека тешко се менува однесувањето на администрацијата во пониските ешалони и најави онлајн можност за поставување прашања и жалби до економските ресори во Владата.
Дел од бизнисмените кои поставија конкретни прашања уште на средбата ги добија одговорите.
Претставникот на „Микросам“ праша дали за прототип на машина можат да аплицираат за поддршка, на што Анѓушев одговори дека фирмата има неколку можности да аплицира за државна помош.
– Една од можностите е да отворите развојно одделение за кое ќе добиете поддршка и за платите на вработените каде што добивате 30 отсто од инвестираното. Вториот начин е да аплицирате во Фондот за иновации каде што се дава поддршка во износ и до 70 отсто – рече Анѓушев.
Од „Пакомак“ се пожалија дека не добиле одговор од институциите за тоа дали можат да аплицираат за набавка на возила, на што добија одговор дека за тоа не можат да добијат поддршка но, како што рече Анѓушев, можат да добијат поддршка ако инвестираат во погон за производство на гранулати од пластика, на пример, кои ќе ги пласираат на пазарот.
На денешната средба со бизнисмените Анѓушев ги информира за новините во Законот за финансиска поддршка на инвестициите во индустријата и за Законот за субвенционирање на зголемувањето на платите.
Анѓушев рече дека со промените на Законот за финансиска поддршка се опфатени и компании кои досега не можеа да аплицираат за државна помош.
– Опфатени се ИТ компаниите, фирми кои се регистрирани како трговски и имаат намера да инвестираат во производство, како и од земјоделската дејност кои исто така сакаат да развиваат производство ќе можат да аплицираат за поддршката. Аплицирањето е до 25 септември и ги повикувам сите кои имале и најмала инвестиција да аплицираат, бидејќи пари за оваа намена од Буџетот има – рече Анѓушев.
Според анализата направена од Владата, 4.000 компании се квалификувани да аплицираат за државна поддршка за инвестиции.
Вицепремиерот рече дека Владата се определила да им помогне на бизнисмените и во инвестицијата за задржување на квалификуваниот кадар со субвенционирање на зголемувањето на платите. Тој појасни дека мерката трае три години, период во кој бизнисмените можат периодично или одеднаш да ги зголемат платите од 600 до 6.000 денари.
– Се определивме за оваа мерка зашто, бизнисмените бараа една таква мерка, но и затоа што знаеме дека кадарот во наредниот период ќе биде најголемиот проблем за економијата. Моментално немаме квалификуван кадар и нашата определба е да го воведеме дуалното образование и да ги зајакнеме капацитетите на техничките факултети, што ќе даде резултати на подолг рок. Актуелна е мерката за субвенционирање на зголемувањето на платите и Ве повикувам да ја искористите за да го стимулирате постоечкиот кадар и да може да привлечете нов – рече Анѓушев.
Тој појасни дека владата не може многу да влијае на продуктивноста на вработените, на што инсистираат бизнисмените пред да ја зголемат платата на вработените, и оти тоа е работа на менаџерите во компаниите кои имаат три можности за подобрување на продуктивноста.
– Првата е технолошки да го зајакнат процесот на производство, вработените да бидат во можност да управуваат со технологијата и менаџерски тим кој знае да ги мотивира – рече тој.