Владата ќе го разгледа барањето на коморите за укинување на скалестото субвенционирање

Предлозите ќе бидат инкорпорирани во законското решение, наведува Кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев.

246

Прифатени ќе бидат предлозите кои може да се вклопат во петгодишната Национална програма, во законските можности, но и во рамки на буџетот, е одговорот на Министерството за земјоделство во врска со барањата на стопанските комори испратени со допис до МЗШВ и до Кабинетот на вицепремиерот Анѓушев.

Истиот став за МИА го потврдуваат и од Кабинетот на Анѓушев. Информираат и дека во координација со ресорното Министерство за земјоделство, но и другите релевантни институци, ќе бидат разгледани барањата на коморите, здруженијата и асоцијациите на земјоделците, како и на индивидуалните земјоделски стопанства, а преку дискусија на сите засегнати страни ќе се донесе оптимално решение.

„Владата во стопанството гледа сериозен партнер за спроведување на политиките, особено на оние кои се однесуваат на економскиот раст и развојот на земјата, поттикнува дискусија и ги разгледува предлозите на бизнис секторот за креирање најсоодветни решенија со кои ќе се влијае на подигнување на животниот стандард на граѓаните, раст на компаниите и побрз економски раст. Предлозите од коморите ќе се разгледуваат во секторите и работната група за Законот за земјоделство кој е во надлежност на МЗШВ, а предлозите кои можат да се вклопат во петгодишната Национална програма, во законските рамки и во рамките на буџетот, ќе бидат инкорпорирани во законското решение“, наведува Кабинетот на вицепремиерот.

Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) и Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) денеска соопштија дека испратиле допис до МЗШВ и до Кабинетот на вицепремиерот Анѓушев со барања да се укине скалестиот систем на субвенционирање во земјоделството и да се направата измени на Законот за семенски и саден материјал.

Коморите во дописот укажуваат и дека еден од клучните проблеми е конкурентноста на македонското земјоделско производство. За ова и претходните две прашања, како што наведуваат, нудат конкретни предлог-решенија.

Бизнис заедницата повикува на конструктивен дијалог за заедничко креирање на сите политики за да се избегнат, како што наведува, непоправливите штети врз македонското стопанство од законските решенија во кои не се земени предвид сите релевантни фактори.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...