Владата ќе го подобрува капацитетот на јавната администрација и институциите за да може стручно да ги води пристапните преговори со Европската унија.
Ова денеска го соопшти министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
– На почетокот на септември ќе бидат предложени неколку измени на законски решенија кои ќе овозможат брз влез на стучни лица во администрацијата со кои ќе го подобриме капацитетот на институциите за преговорите со ЕУ – рече Манчевски.
Тој потсети дека во администрацијата има доволен број луѓе, но ги нема потребните стручни лица кои треба да го водат процесот на преговори.
– За скринингот кој е почнат администрацијата има капацитет да одговори, но клучен ризик е немањето доволно капацитети за преговорите. Мораме брзо да регрутираме стручни луѓе кои ќе бидат вклучени и ќе знаат како да ги водат преговорите – рече Манчевски.