Владата на Косово денеска ја поништи одлуката со која претходната влада на Рамуш Харадинај на крајот на 2017 двојно си ги зголеми платите, јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешната, втора седница на Владата на Албин Курти од нејзиното формирање на 3 февруари годинава, беше одлучено намалувањето да не се однесува на платите во судскиот систем, кои се законски врзани со оние на министрите.
Со одлуката од 20 декември 2017 година, Харадинај двојно ги зголеми платите на членовите на својот кабинет, а неговата плата, од 1.500, колку што беше дотогаш, порасна на 2.950 евра.
Со денешната одлука, платите на премиерот и министрите се преполовуваат, односно се враќаат на нивото од пред одлуката на Харадинај.
Владата на Курти во продолжение на денешната седница поништи уште неколку други одлуки кои се однесуваат на организационата структура на премиерскиот кабинет.
Меѓу другото, разрешени се седуммината национални координатори кои ги именува Харадинај во текот на неговиот мандат.