Владата на Косово, по вечерашната вонредна средба на лидерите на четирите партии од владејачката коалиција, објави соопштение во кое тврди дека „коалицијата е функционална и стабилна“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Лидерите на најголемите партии од владејачката коалиција, премиерот Рамуш Харадинај од Алијансата за иднината на Косово (ААК), претседателот на Собранието Кадри Весели (Демократска партија на Косово – ПДК) и вицепремиерите Фатмир Лимај (Социјалдемократска иницијатива – Нисма) и Беџет Пацоли (Алијанса Ново Косово – АКР), вечерва одржаа вонреден состанок, по чие завршување го напуштија премиерскиот кабинет без да дадат изјави за медиумите.
Според партиски извори, средбата беше свикана по последните несогласувања меѓу премиерот и собранискиот спикер околу таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина. Во владиното соопштение се вели дека прашањето за таксата кон српскиот увоз била една од темите за која коалициските партнери разговарале.
„На денешната средба се разговараше најмногу за главните аспекти кои се надоврзуваат на платформата на дијалогот (меѓу Косово и Србија), која се очекува набргу да биде усвоена во Собранието на Косово. Платформата ќе ја одрази единствената позиција на институциите на државата за постигнување сеопфатен и законски обврзувачки договор, кој ќе резултира со меѓусебно признавање и зачленување на Косово во Организацијата на Обединетите нации“, се вели во соопштението.
Лидерите на партиите од коалицијата, според истото, се заложиле за „интензивирање на дејствијата и усогласување на одлуките со стратешките партнери, САД и Европската унија“.
„Заедничка констатација е дека коалицијата е функционална и стабилна. Ќе се продолжи решително во правец на постигнување на целите согласно објективите на владината програма“, се наведува во соопштението.
На средбата, соопшти Владата, се разговарало „за последните политички случувања во земјата, функционирањето на институциите, исполнувањето на владината и легислативната агенда, со посебен акцент на усвојувањето на буџетот за 2019 година, пакетот пропратни закони, платформата за дијалогот и пршањето за таксата“.
Коалициските партнери се согласија во наредните денови да ги интензивираат дејствијата и активностите во правец на хармонизација на процесот на одлучување во однос на споменатите теми, се вели во соопштението.
Денешниот состанок е одржан по неколкудневниот судир на премиерот Харадинај, кој инсистира на задржување на санкциите кон Србија, и парламентарниот спикер Весели, кој се заложи за привремена суспензија, на 120 дена, на таксата, поради барањата на САД и ЕУ Владата да ја повлече одлуката за 100 отсто царини на увозот од Србија и БиХ.
За укинување на таксата силно се залага и претседателот на Косово Хашим Тачи, кој смета дека е тоа неопходно за да се деблокираат преговорите меѓу Приштина и Белград, кои беа прекинати минатиот ноември, откако Владата на Харадинај ја донесе спорната одлука.
Харадинај останува решителен во намерата таксата да не се укине, се додека Србија не го смени „агресивниот и деструктивен однос“, односно додека не ја признае независноста на Република Косово.