Владата, на денешната 148. седница ја разгледа и усвои Информацијата за извршени контроли за квалитетот на детските играчки, што се продаваат на територијата на нашата држава, која се однесува на првиот квартал од 2019 година.
Како што информираат од владината прес-служба, задолжено е Министерството за здравство – Државен санитарен и здравствен инспекторат да продолжи да доставува до Владата информации за извршените контроли за квалитетот на детските играчки, како и Инспекторатот да спроведе вонредна масовна контрола за квалитетот на играчки коишто се продаваат на територијата на нашата држава.
Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за изградба и опремување детска градинка во општина Илинден. Задолжено е Министерството за труд и социјална политика, во Буџетот за 2020 година да предвиди финансиски средства во износ од 6.082.003 денари за машински инсталации и набавка, испорака и монтажа на опрема за градинката, со што ќе се овозможи нејзина функционалност за потребите на децата во општината.
Владата ја разгледа и Информацијата за финансиска поддршка и финансиски средства за санирање штети на училишни згради во Oпштина Ресен, причинети од невремето на 10 јули оваа година, при што е задолжено Министерството за образование да направи санирање и обештетување на штетите на училишните објекти поради невремето, од средства од сопствени програми.