Граѓаните кои годинава енергетски ќе ги изолираат куќите нема да повратат 20 отсто од инвестицијата со субвенции што ги најави владата на почетокот на мандатот.
Од Министерството за економија преку кое се реализираат мерките за енергетска ефикансност на домаќинствата велат дека таква мерка и годинава нема да се реализира во рамки на Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата.
– Во согласност со Четвртиот Акционен план за енергетска ефикаснсот за периодот 2019 -2020 година, кој треба да биде изготвен до крајот на април 2019 година, од следната 2020 година ќе се отвори можноста и би можеле да се испланираат средства за воведување на нови мерки со кои би можело да се доделат државни субвенции преку годишните програми за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата – велат од Министерството за економија.
До 2020 година, велат од Министерството, граѓаните можат да ги користат кредитите на комерцијалните банки за оваа намена од REEP PLUS програмата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Вакви кредити моментално се даваат преку комерцијалните банки Шпаркасе и Охридска банка во вкупен износ од 4 милиони евра од REEP PLUS програмата на ЕБОР.
ЕБОР издвои вкупно 8 милиони евра за програмата за енергетска ефикансност која се реализира преку кредити од комерцијалните банки.
Владата лани, но и во текот на оваа година субвенционира вградување на ПВЦ прозорци, поставување на сончеви панели и набавка на печки на пелети во рамки на програмата за поттикнување на енергетската ефикансност на домаќинствата. Само лани преку трите мерки се инвестирани 813 милиони евра.