Бизнис заедницата од четирите стопански комори во државава и Владата денеска со Меморандум се обврзаа за унапредување на соработката и јакнење на дијалогот, особено во делот на легислативата, што треба да резултира со олеснување на регулаторното оптоварување на приватниот сектор и да го поттикне неговиот раст.
– Јавно-приватниот дијалог овозможува структуриран пристап, со учество и инклузивност на главните засегнати страни во креирање на политиките во насока на реформи на владеењето и за реформи на амбиентот за создавање стимулативно деловно опкружување- оцени премиерот Зоран Заев.
Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија Данела Арсовска потенцираше дека со потпишувањето на договорот почнува нова страница за деловната заедница, со воспоставување формален механизам за рамноправно учество на Владата и приватниот сектор во јавно приватно партнерство и дијалог.
Според директорот на Канцеларијата за развој на УСАИД во Македонија Едвард Гонзалес, во последните месеци е зголемен дијалогот меѓу Владата на Република Македонија и приватниот сектор.
– Коморите поаѓајќи од заедничките интереси во застапување на компаниите заедно со Владата на Република Македонија ќе ги градат политиките кои ги засега секој сектор во стопанството, особено микро, малите и средните претпријатија – изјави Гонзалес.
Според него, заедничкиот дијалог и градење на консензус е вистинскиот прв чекор кој се очекува да даде позитивни резултати кои ќе ги олеснат регулаторните оптоварувања со кои се соочуваат компаниите и ќе го поттикне растот на приватниот сектор во Република Македонија.
Меморандумот е дел од Проектот на УСАИД – „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ што го спроведува Епи Центар Интернационал во партнерство со Сојуз на стопански комори на Македонија, Стопанската комора на Македонија, Стопанска комoра на северозападна Македонија и МАСИТ