Владата и бизнисот заеднички бараат решенија за отворените прашања

182

Воведување автономни мерки за увозни царински давачки на репроматеријали и суровини, отворени прашања околу работните односи и безбедност и здравје при работа, системско решавање на проблемот со недостиг од квалификуван кадар и потребата од реформи во образовниот систем, рамномерен регионален развој, мерки од даночната политика и други предлози за зајакнување на конкурентноста на компаниите беа дел од темите на работната средба на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство со премиерот Зоран Заев и со економскиот тим на Владата.

На средбата на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори во рамки на Стопанската комора на Македонија со Заев и Анѓушев, присуствуваа и министерката за финансии, Нина Ангеловска, министерот за економија, Крешник Бектеши, директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски и Софче Јовановска, шефица на кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економските ресори, Кочо Анѓушев. Беа презентирани решенијата и текот на остварувањето на некои од предлог-препораките за унапредување на бизнис климата креирани од компаниите од ТИРЗ и индустриските зелени зони нотирани на претходната работна средба.

Премиерот истакна дека Владата е одлучна и посветена да го продолжи ваквиот систематизиран пристап на организација на состаноците и комуникација со надлежните институции околу проблемите и предизвиците со кои се соочува бизнис-секторот, бидејќи е од голема помош за изнаоѓање флексибилни решенија, но и презентирање на можностите кои државата ги презема со цел да излезе во пресрет на компаниите.

Заев истакна дека Владата останува отворена да ги слушне потребите на компаниите и дека ќе води постојан дијалог со сите компании, со странски, но и со домашен капитал, во интерес на економскиот развој на државата и подигнување на животниот стандард на граѓаните.

– Тоа е одличен начин директно од индустријата, да се информираме за потенцијалите за унапредување на бизнис климата и на тој начин да го усовршуваме системот за поддршка на странските инвестиции. Најважно од оваа комуникација е што овие средби и разговори се секогаш од огромна придобивка и за бизнис-секторот и за граѓаните, зашто новите инвестиции отвораат нови работни места, повисоки плати и повисок стандард на живеење – додаде премиерот Заев.

Како што нагласи Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата, оваа средба беше одлична прилика уште еднаш, непосредно, да се запознаат креаторите на економските политики со сетот барања за подобрување на условите за водење бизнис во земјава, но и со понудените решенија за олеснување на работењето во специфични области, со цел да се стимулира подинамично инвестирање на странскиот капитал во земјата.

Во врска со усогласувањето со царинските стапки на ЕУ, како една од сугестиите што дојдоа од страна на Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори, беше посочено дека во овој момент обврска на Република Северна Македонија е да ја усогласува Царинската тарифа со измените во ЕУ само во делот на системот на имиња на стоката, системот на нумеричко означување, единечните мерки, како и забелешките кон соодветните оддели и глави, односно не се врши усогласување во делот на царинските стапки, и дека тие обврски земјата ќе ги има по пристапувањето во членство кога ќе се применува Царинската тарифа на ЕУ. Притоа, Владата излезе во пресрет на барањата на компаниите за воведување автономни мерки во областите каде најмногу има потреба од усогласување, а се од особено значење за унапредување на производството, извозот и конкурентноста.

Овие иницијативи се особено важни за работата на самите компании, без разлика на тоа дали се лоцирани во или надвор од технолошко-индустриските развојни зони. Toa e показател дека странските компании водат грижа за подобрување на бизнис-климата во земјава и нивната долгорочна цел е да останат во државата и да отвораат нови работни места, но истовремено ќе ја олеснат одлуката на други странски компании да дојдат во Македонија, согледувајќи ги искуствата на своите колеги кои досега инвестирале во земјава.

Во моментов во Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство земаат учество дваесет и пет странски компании од технолошко-индустриските развојни зони и од индустриските зелени зони од целата држава.

Овие странски компании имаат особено големо влијание во целокупниот економски раст на земјата преку креирање нови и добро платени работни места, пораст на продуктивноста на работната сила, пристап до нови технологии и знаења, развој и усвојување на современи менаџерски вештини, финансиска стабилност и општа благосостојба во општеството.

Извор: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...