Владата денеска додели 17 решенија за поддршка на руралниот развој во општините. Со ова, како што истакнаа вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за земјоделство Љупчо Николовски и директорот на Платежната агенција Николче Бабовски, почнува реализирањето на планираните проекти за поквалитетен живот преку обнова и развој на селата, осовременување на инфраструктурата, изградба на патишта до земјоделските површини, зачувување и унапредување на традиционалните вредности,…
До Владата за поддршка на руралниот развој се пристигнати 202 барања за вкупно 2.407.773.354 денари од 80 општини и осум плански региони.
– За подобрување на квалитет на живот во руралните средини се пристигнати 76 барања за 1.120.188.483 денари, за обнова и развој на селата 64 барања за 624.077.365 денари, за зачувување и унапредување на традиционалните вредности 62 барања за 663.507.505 денари, за инвестиции во пазарна инфраструктура шест барања за 41.269.924 денари, а за патишта до земјоделско земјиште 27 барања за 25.338.173 денари – информира Анѓушев на прес-конференција во Владата..
Во тек е, рече, административна обработка на барањата иако дел од сумите се веќе одобрени.
Ова, додаде вицепремиерот, е прва масовна акција за правање на руралните средини респектабилни места за живеење. Сакаме, рече тој, да ја видиме земјава без кал, секој град да биде убав, а не само два.
– Во изминатиот период имавме континуирани состаноци со градоначалниците, за проектите што ги доставуваат да бидат квалитетни и соодветни на Програмата за рурален развој. Општините сега, согласно инвестицијата, треба да предвидат јавна набавка, да предвидат колкав ќе биде трошокот во нивните буџети, по што ќе се распишат тендерите за потребните материјали за инвестициите – соопшти директорот Бабовски, дополнувајќи дека општините имаат можност да користат 20 отсто аванс откако ќе потпишат договор со Платежната агенција. Вкупната сума ќе им биде исплатена откако ќе го платат данокот на додадена вредност.
Според него, радува фактот што и помалите општини веќе се активираат за искористување средства и реализирање проекти за рурален развој.
– Во дел од општините ќе се реконструираат патишта, ќе се градат канализациски мрежи, велосипедски и пешачки патеки, ќе се уредуваат пазари. Дел од средствата ќе се инвестираат и во планските региони. Владата доделува 38 милиони евра за три мерки за кои општините имаат подготвено проекти – нагласи министерот Николовски.
На доделувањето на решенијата присуствуваа градоначалници од повеќе општини. Оваа програма ќе се спроведува три години.