Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска изјави дека Владата работи на изнаоѓање на решение за ситуацијата со намалените државни резерви на нафтени деривати и оти нема да дозволи ситуацијата да стане алармантна.
– Нема да дозволиме состојбата да ексалира. Ја имаме информацијата и го бараме решението. Во фаза сме на подготовка на измена на Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати којшто ќе треба да се усогласи со новиот текст на Законот за енергетика. Со овие измени ќе се реши проблемот- рече Бошњаковски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со информацијата дека Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати располага со 65 проценти од резервите.