Инвестиции во патната инфраструктура од 1,27 милијарди евра за годинава со кои ќе се покрене целосната градежна механизација во земјава најавија денеска на заедничка прес-конференција премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.
Според она што беше најавено, парите ќе бидат потрошени за изградба и реконструкција на 770 километри патишта. Ќе се реконструираат 43 правци и ќе продолжи изгрдба на 27 патни правци.
За реализирање на сите планирани проекти кои се рамномерно распределени на целата територија на земјата веќе е подготвена црелосната документацијата и почетокот на градба по квартали.
Премиерот Зоран Заев рече дека реализацијата на инвестициите во патната инфраструктура немаат врска со престојните претседателски избори.
– Ова нема врска со претседателските избори, локалните избори во три општини или можните парламентарни избори годинава. Тоа се пари кои се веќе планирани за оваа намена во буџетот и треба да се реализираат – рече Заев.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески пак соопшти дека 300 милиони евра се обезбедени од државниот буџет, додека другите пари се кредити и сопствени пари на државното претпријатие за патишта.
– Во сумаата од 1.270 милиони евра влегуваат пари обезбедени од јавните претпријатија, односно од ЈП државни патишта, а не само пари од централниот буџет – рече Сугарески.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека годинава ќе биде економска и по тоа што градежниот сектор се враќа на предходното ниво, но со вистински инвестиции на државниот и приватниот сектор.
– Владата покажува сериозна посветеност со видливи активности на терен. Ќе се гради и Коридорот 8 на потегот кон Бугарија. Нема да има слободна градежна машина – рече Анѓушев.
Директорот на ЈП Државни патишта, Китанов соопшти дека со првиот ден кога ќе може да се гради ќе почне и инвестирањето, оти тендерските постапки за сите патни правци се завршени.