Фасцинантна, моќна приказна со сосема поинаква естетска димензија, остварување кое ќе биде вид бренд и кое, покрај актуелната, ќе донесе нова, поразлична публика. Вака Драмски театар денеска на прес-конференција ја најави најновата претстава „Странци“, во режија на Нела Витошевиќ чија премиера е закажана за утревечер во 20 часот.
Текстот е по сценариото на италијанскиот филм „Перфектни странци“, а играат Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгиќевиќ Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски. Драматург е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски, костимограф Роза Трајческа Ристовска, а композитор Огнен Анастасовски.
Станува збор за „драмомедија“ (драма+комедија), во која седум пријатели играат игра, споделувајќи ги пораките, разговорите и фотографиите од своите мобилни телефони, како и комуникациите преку социјалните мрежи со што си ги откриваат личните тајни и отвораат болни конфликтни ситуации.
– Претставата ќе биде дополнителниот штраф во новото возило што го подготвуваме за големиот исчекор на Драмски театар – рече в.д. директорот Сашо Тасевски.
Режисерката Витошевиќ истакна дека „Странци“ се подготвуваше два месеца и дека се базира на современ режисерски пристап.
– Оваа стара зграда не може да се пофали со техника, но има силна, сериозно солидна актерска екипа. Темата е актуелна и со неа може да се поврзе секој. Зборува за тоа колку технологијата ги окупира нашите животи и нѐ отуѓува од нашите партнери и семејства, колку лагата станува поважна од вистината. Претставата ја отвора Пандорината кутија во која се сите наши демони – нагласи Витошевиќ.
Актерите очекуваат одличен одѕив зашто сметаат дека подготвиле одлична претстава.
– Оваа претстава му е токму сега потребна на Драмски. Сите верувавме во неа, но имавме и огромна поддршка од драматургот Рангелова, како и од асистентот на режијата Александар Ивановски – рече Предраг Павловски.
Според Љутков, најуспешните претстави во Драмски се токму оние со современ пристап, кои кореспондираат со новото време.
– Затоа мислам дека „Странци“ ќе биде новиот знак на нашиот театар, правецот во кој треба да се движи и во кој јас сакам да го гледам – дополни Љутков.
Претставата „Странци“ трае 1 час и 40 минути, а предпремиерно ќе биде прикажана вечерва во 20 часот.