„Вина од Македонија“: Покачување на цената на грозјето без пазарни услови финансиски ги исцрпува винариите

Досегашната цена на сортите за кои е почнат откупот, како што се „кратошија“ и „вранец“, е во просек за 8,5 отсто повисока од лани, а за сортите како „траминец“ и „темјаника“ цената што некои винарници ја плаќаат е повисока дури и за 40 отсто.

179

Здружението „Вина од Македонија“ во кое членуваат најголемите производители и извозници на вино во земјава, оценува дека најавите за можни блокади на патиштата, како начин на притисок за зголемување на откупната цена на грозјето, се избрзани, беспредметни и непотребни. Ако ваквите закани се остварат, тие ќе значат стопирање на годинашниот откуп на грозје, што дефинитивно ќе нанесе непоправлива штета како на целата домашна винска индустрија, така и на лозарството.

– Крајниот ефект од притисоците и заканите кон винарниците за зголемување на цените за откупеното грозје, кои се повторуваат речиси секоја година и се далеку од каква било пазарна логика, доведува до нивно финансиско исцрпување и пропаѓање. Ваквата ситуација ќе значи дефинитивен крај на целокупната домашна винска индустрија и на лозарството затоа што без домашни винарници што можат да ја издржат жестоката конкуренција на светскиот вински пазар, ќе нема кој воопшто да го откупува грозјето – наведува Здружението.

„Вина од Македонија“ негира дека цената на грозјето е иста како лани.

– Не е точно дека цената на грозјето не е променета во однос на минатата година. Напротив, досегашната цена на сортите за кои е почнат откупот, како што се „кратошија“ и „вранец“, е во просек за 8,5 отсто повисока од лани, а за сортите како „траминец“ и „темјаника“ цената што некои винарници ја плаќаат е повисока дури и за 40 проценти. Истовремено, најголемиот број домашни винарници, плаќаат и дополнителни премии за грозјето со повисок квалитет и висока шеќерност, како и за грозјето предадено во гајби – дополнува Здружението.

Според него, домашните винарници и покрај финансиските проблеми со кои се соочуваат, како и фактот дека годинашниот род е со квалитет под првичните очекувања, со пониска просечната шеќерност во однос на минатогодишната берба, сепак, се подготвени да откупат двојно повеќе грозје, по оптимални цени кои се утврдуваат според единствена логична и возможна методолгија која ја диктира пазарот.

– Податоците покажуваат дека цените на виното на светскиот пазар одат во надолна линија. Во моментов големопродажната цена на литар вино од некои од најголемите светски производители, како што е Шпанија, изнесува од 0,34 евра, од Италија 0,35 евра, од Унгарија 0,4 евра и од Аргентина 0,32 евра. Со вакви ниски цени на виното на светски пазари, исплатливоста на производството кај голем дел од македонските винарници е сериозно ставена под знак прашање, бидејќи голем дел од ние се борат на светските пазари со овие цени – реагира Здружението.

Членките на „Вина од Македонија“ остануваат на ставот дека решенијата за сите предизвици во домашната винска индустрија и лозарството треба да се изнајдат преку дијалог и креирање долгорочна стратегија, а не преку непринципиелни притисоци и политизација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...