Акционерите на „Фершпед“ на крајот на следниот месец треба да одлучат дали ќе ја продадат винаријата „Сковин“ каде што се сопственици на 97 отсто од имотот. Одлуката треба да ја донесат браќата Накови кои се и членови на Одборот на директори на „Сковин“ како и најголемите акционери на „Фершпед“: „Макошпед“, „Европа Скопје“ и „Супер Х Трејд“.
Се продава имотот на винаријата и трговските марки, а за нив се заинтересирани „Винарија Сковин група“ , домашна фирма која сака да го купи движниот и недвижен имот на винаријата и SIAK PTE. LTD Singapore која пројавила интерес за купување на трговските марки.
Продажбата е одлука на Одборот на директори на „Фершпед“ по предлог на одборот на директори на „Сковин“ АД, а како главна причина се наведува лошата финансиска состојба во која е винаријата. Парите од продажбата, како што е соопштено, треба да се искористат за покривање на долговите на винаријата. На крајот на ланската година винаријата има вкупни обврски кои надминуваат 10 милиони евра и главнина од 2,3 милиони евра.
„Сковин“ во последните три години (од 2016 до 2018 година) бележи пад на приходите од 4 милиони евра на 3 милиони евра. Лани компанијата имала загуба од близу 2 милиони евра.
За движниот и недвижниот имот, според одлуката на Одборот на директори е утврдена вкупна цена од 3.344.900 евра без ДДВ. Од кои 1,9 милиони евра се за зградите и објекти ,други објекти и градежно изградено земјиште како и преостанатата опрема, основни средства и инвентарот на винаријата, додека 50 илјади евра чинат возилата и механизацијата на „Сковин“. Додека преносот на марките чини 5.100 евра.
За оваа цена купувачот ќе добие згради и објекти во сопственост на „Сковин“, деловни и помошни простории и други објекти во Маџари од неколку илјади квадрати, други објекти во сопственост на винаријата од неколку стотици квадрати во Сопиште и Сопот, градежно изградено земјиште и земјиште под згради во Маџари од над 20.000 квадрати, залихи на производи од вино во магацин, целосниот инвентар – преостанат дел од опрема, мебел, компјутери и компјутерска опрема, и други ствари сопственост на „Сковин“ АД. Исто така, купувачот ќе добие и патнички и товарни возила, земјоделска и друга механизација со прибор и други ствари сопственост на „Сковин“ АД Скопје.
Правата, пак, врз трговските марки кои треба да ги купи SIAK PTE. LTD Singapore чинат 5.100 евра без ДДВ.