Викиликс ги повика медиумите да не објавуваат 140 различни наводи за својот основач Џулијан Асанж за кои тврди дека се „лаги и клевети“.
Не е јасно што точно ја предизвикало оваа препорака за медиумите, а Викиликс го издвои британски „Гардијан“ поради објавување лажни наводи за Асанж.
Се шири клима на неточни наводи за Викиликс и Џулијан Асанж вклучувајќи намерни измислици во големи и угледни медиуми, стои во имејлот на Викиликс кој содржи 5.000 зборови.
Исто така се додава дека новинарите и издавачите имаат одговорност да ги проверат фактите од прва рака и да не шират лажни наводи од списокот кој Викиликс го доставил до медиумите.
Исто така се обрнува внимание на 140 „лажни“ наводи како што се тврдењата дека Асанж бил „агент или офицер на некоја разузнавачка служба“, односно дека работел за руската Влада или дека некогаш бил близок до руската држава, Кремљ или претседателот Владимир Путин.
Викиликс ги негира и наводите за приватниот живот на Асанж како што се дека тој ја бланшира косата, дека е хакер, дека не ја одржува хигиената и слично.