„Викенд на мртовци“ во „Комедија“

336

Театар „Комедија“ вечер премиерно ја поставува претставата „Викенд на мртовци“ по текстот на Миле Попоски, која пред повеќе од 20 години се играше во Драмски театар-Скопје, а пред 30 години режисерот Коле Ангеловски го сними и истоимениот филм.

Овојпат текстот е осовременет и во некои реплики е освежен и приспособен на денешените случувања. Од реакциите на публиката на претпремиерата вчера, кога имале полна сала, раководството на „Комедија“ и екипата на претставата очекуваат дека и на нивната сцена таа ќе биде многу гледана и долговечна.

Режисерот Ѓорѓи Ризески денеска на прес-конференција рече дека направиле оригинална верзија на текстот, различна од претставата во Драмски затоа што, рече, никогаш копијата не може да биде подобра од оригиналот.

-Ова е култен текст и ние направивме оригинална претстава, не со цел да биде подобра, туку претстава направена на наш начин која, се надевам, ќе ѝ се допадне на публиката. Тргнувајќи дека не е поставена долго и дека денес живееме во друго време. Темата на авторот е вечна и трае, и идејата и прашањето беше како ние гледаме на тоа, како нашите ликови се справуваат со таа тема која отсекогаш постои, рече Ризески за претставата која е и мултимедијална и со видеобимови на сцената.

Мирјана Ристов, уметнички директор на Театар Комедија, истакна дека не бил едноставен процесот на подготовка затоа што, рече, се работи за култна комедија. -Добивме таков продукт, што театарот вчера буквално грмеше. Публиката се смееше на секои десетина секунди. Тоа ме прави горда затоа што, сепак, не е мала работа да се земе  „Викенд на мртовци“, еден култен текст кој веќе го има достигнато врвот. Тоа беше и мал ризик – дали ќе биде подобра, дали, барем, ќе биде на истото ниво, зашто публиката често знае да суди по гледаното и веќе има оформен став. Оваа екипа направи многу подобро ниво, затоа што е современа и публиката ќе ужива, рече  Ристов.

Во претставата играат 12 актери – дел се од „Комедија“, а дел се гости од други ансамбли: Роберт Ристов; Магдалена Ризова; Жаклина Стевковска; Миа Кантарџиева; Столе Мицов; Едмонд Сотир; Жарко Димоски; Александар Вељановски; Сашо Ристовски; Мирјана Ристов;  Дритон Вејсели и Кристина Ласовска. Сценограф е Сергеј Светозарев, костимограф – Андреј Ѓоргиевски, кореограф – Саша Ефтимова.

Дваесет и седумгодишниот Ризески вторпат режира во „Комедија“. Пред две години на оваа сцена ја постави и „Првин ќе ме земеш, после ќе ме…“ Дипломиран театарски режисер е и специјалист по драматургија на Универзитетот ЕСРА. Вработен е како режисер во театарот во Охрид.

Директорот на „Комедија“ Сашо Ристовски соопшти дека „Викенд на мртовци“ им е трета премиера во 2018 година, а на крајот од декемвери ќе имаат уште една – „Нема да платам“ според текстот на Дарио Фо, во режија на Александра Кардалевска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...