Викендов Меѓународен детски театар „Фенер“

97

Петтото издание на Меѓународниот фестивал за детски театар ФЕНЕР, Буден театар,  ќе се одржи од 12 до 14 октомври на сцената на Драмски театар Скопје. Преку мотото „Тука растат“ тематски дефинираната програма во фокус ја поставува екологијата и одговорноста да им обезбедиме на децата чиста и здрава животна средина.

Како предвесник на фестивалот Буден Театар ја спроведе кампањата „Мижи! Замисли промена“, која ги повика децата и родителите преку споделување на фотографии на социјалните мрежи да мапираат еколошки проблеми и да споделуваат идеи за нивно надминување. Дел од испратените фотографии, со испишани идеи за промена се изложени на Камениот мост во Скопје.

Во текот на викендот главната програма на ФЕНЕР ќе прикаже четири исклучителни меѓународни претстави, наменети за различни возрасти на деца.

Во петок од 18 часот и во сабота од 11 часот, фестивалот ќе биде отворен со словачкиот театар „Одиво“ кои ја носат „Аеро“, претстава-лабораторија за воздух, наменета за деца од над 1,5 до 99 години.

„Ленка“ (3+години) е црвенокосото девојче, кое пристига заедно со Куклениот театар од Бјалисток, Полска. Преку неа дознаваме за премрежјата низ кои минуваат децата кои се поинакви од другите. (13.10.2018, 19.00 ч. / 14.10.2018, 11.00 ч.)

„Бубачкување“, перформанс за сите возрасти, овој пат ќе биде во музичка придружба на Оливер Јосифовски и Виктор Гајтаноски. (12.10.2018, 19.00 ч. / 14.10.2018, 12.00 ч.)

Израелската уметница Мајан Јунман раскажува „Хартиена Приказна“ (5+години). И нѐ потсетува дека се може да биде основа за создавање. (14.10.2018, 19.00 ч.)

„КОКО ДАШ“ од Србија, ќе го разубават Драмскиот театар Скопје со интерактивната изложба „Дрвото кое недостасува“, посветена на сите дрва кои му беа одземени на нашиот град. Изложбата ќе биде поставена во текот на трите фестивалски денови.

Како дел од придружната програма, во сабота, заедно со децата ќе бидат реализирани три урбани еколошки акции „Замисли промена“ преку кои ќе се реализираат детските идеи за промена, дел од проектот „Мижи! Замисли промена“, поддржан од ФООМ (13.10.2018, 15.00 – 18.00 ч. со старт пред Драмски театар Скопје.) Неделата е посветена на проектот „Триаголници на соработка“, поддржан од Швајцарската Амбасада во Македонија, преку презентација во фоајето на Драмски Театар Скопје (14.10.2018, 13.30 ч.), а потоа и креативната тура на Матка Дестинација – Креација (14.10.2018, 14.30 – 17.30 ч.)

Билетите во продажба за претставите од главната програма можат да се најдат на билетарницата на Драмски Театар Скопје, по цена од 200 денари. Активностите од придружната програма се бесплатни, а за Дестинација – Креација Матка потребно е пријавување на budenteatar@gmail.com.

Меѓународниот фестивал за детски театар е поддржан од ЕУ Инфо Центар, Министерство за култура на РМ, Град Скопје, Фондација Отворено Општество Македонија, Швајцарската Амбасада во Македонија, Српскиот културно-информатицен центар во Македонија Спона, Чешката Амбасада во Македонија и хотелите Арка и Стоун Бриџ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...