„Визер“ веќе не продава билети за двe од своите авионски линии надвор од Македонија, една недела откако владата го поништи тендерот за доделување на финансиска поддршка за лансирање на нови дестинации, објави порталот „ExYuAviation“.
Авионите на компанијата од 26 октомври нема да летаат од Скопје за Барселона. Исто така, прекината е продажбата на билети за своите летови од Охрид до Лондон од 24 октомври.
Претходно беше објавено, дека „Визер“, ќе ги прекине летовите помеѓу Скопје и Ваксјо во јужна Шведска од средината на септември, поради слабата побарувачка. Последниот лет помеѓу двата града ќе биде на 16 септември, по што продажбата на билети е прекината.
„Визер“ ќе продолжи да лета до Стокхолм, Малме и Гетеборг во Шведска од Скопје, пишува „ExYuAviation“.
Претходниот тригодишен договор со државата за субвенционирање на нови дестинации, истече во јуни.
Министерство за транспорт и врски неодамна го поништи тендерот за нов круг субвенции. Само една авиокомпанија аплицираше, но Министерството забележа дека запечатените коверти не ги содржат името и адресата на превозникот, како што е наведено во тендерската документација.