Голем број медиуми во Србија информираат неточно и пропагандистички во однос на она што се случува во Црна Гора, изјави новинарот и професор на Факултетот за политички науки на белградскиот Универзитет, Раде Вељановски, кој оцени дека состојбата со медиумите во Србија е лоша и дека повеќето медиуми, со голем тираж, пласираат на пазарот нешто што може да се нарече режимска пропаганда.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Вељановски за Радио Црна Гора истакна дека не станува збор само за пропаганда на власта, туку и за пропаганда на оние кругови кои имаат вкоренет став дека Србија е најсилна, најмоќна и најважна во регионот и дека треба да се консултира најмногу од сите.
– Тоа е особено видливо во однос на Црна Гора. Србија отсекогаш имала еден арогантен и патерналистички став кон Црна Гора – оцени Вељановски.
Тој нагласи дека Србија ја доживува Црна Гора како дел од нејзината територија и дека никогаш не се помирила со фактот дека црногорската независност е обновена.
– И тоа е причина зошто голем број медиуми во Србија информираат неточно и пропагандистички во однос на она што се случува во Црна Гора – кажа Вељановски.
Тој верува дека „реакцијата на голем број медиуми во Србија кон Црна Гора е целосно несоодветна и дека не придонесува за добри односи, за стабилност на Балканот, па дури и за стабилност во Црна Гора и таквата реакција на медиумите е крајно злонамерна и фабрикувана“.
– Новинарите, без оглед од која земја се и без разлика на која тема зборуваат, мора да бидат објективни и балансирани, да бараат две страни и во секој случај не смеат да навиваат ниту за една страна, не смеат да станат дел од пропагандниот апарат на која било политичка опција – изјави Вељановски.