Во организација на Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“, во Делчево се одржа вечер на староградска музика. Концертот го отвори домашната женска пејачка група „Ѓурѓа“ и оркестарот „Пијанечки еснафи“, додека свој настап со традиционална хорска музика имаше и Градскиот хор од Штип. За диригентот Ивана Јанкова, беше чест по втор пат, составот од Штип, да настапи во Делчево.
– На наше огромно задоволство Градски хор-Штип во една година по втор пат гостува во вашиот град. Нашиот репертоар е во склад со празниците овие денови. Концертот се вика „Во духот на традицијата“, а на програмата се македонски љубовни песни од сите жанрови, поп, рок, народни и староградски во хорско руво – истакна Јанкова.
Концертот, како што рече директорот на Центарот за култура, Методи Толевски, е најава за продолжението на проектот „Вечер на серенади“ во чии рамки нови староградски рефрени се најавени за идната среда.
– После овој концерт, со проектот „Вечер на серенада“ продолжуваме во среда на 11 септември, кога очекуваме да ни гостуваат староградски групи од Берово, Виница, Свети Николе и музичко дуо од Република Бугарија. Се надеваме дека публиката уживаше вечерва, а ќе присуствува во голем број и наредната среда – рече Толевски.
Синоќешниот концерт делчевскиот Центар за култура го реализираше во соработка со општината, како дел од одбележувањето на 75 години од ослободувањето на Делчево и 28 години од Денот на независноста на Македонија.