Вечер на Живко Чинго во охридско Велгошти

423

Во охридското село Велгошти вечерва традиционално ќе се одржи културната манифестацијата „Вечер на Живко Чинго“, како одбележување на годишнината од раѓањето на големиот писател и раскажувач.

Чествувањето ќе започне со полагање цвеќе пред спомен-обележјето на Чинго, по што ќе има обраќање на претставник на Општина Охрид. Беседа за ликот и делото на Живко Чинго ќе одржи академик Ала Генадјевна Шешкен, а манифестацијата ќе биде заокружена со културно – уметничка програма.

Централниот дел од манифестацијата по правило е посветен на добитникот на годинашната награда за најдобар расказ што секоја година Општина Охрид ја доделува во чест на Живко Чинго.

Оваа година наградата ќе ѝ биде врачена на Драгана Лукан Николоски, чиј расказ насловен „Пад на системот или Како балканските народи сфатија дека Бог можеби и не постои“ беше прогласен за најдобар од страна на Стручното жири во конкуренција од 41 пристигнат труд на конкурсот.

Драгана Лукан Николоски е автор на повеќе драми и сценарија, меѓу кои се „Балканизација“, „Пинокио и Црвенкапа во потрага по Аладиновата ламба“, „Треперење помеѓу две подадени дланки“, „Сè ќе биде добро“ и други.

Живко Чинго е роден на 13 август 1935 во селото Велгошти кај Охрид. Во родното село завршил основно училиште, а гимназија во Охрид. Во 1959 година дипломирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Извесно време работел како професор по книжевност во гимназијата во Охрид, а во Скопје работел во: „Студентски збор“, „Млад борец“, во Радиотелевизија Скопје, во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, во Центарот за политички студии, а бил и долгогодишен директор на Драмата при Македонскиот народен театар. При крајот на животот работел како советник во Републичкиот комитет за култура. Во 1963 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), а бил и член на МАНУ. Чинго се упокои на 11 август 1987 година.

Манифестацијата почнува во 20 часот во атарот на црквата „Света Петка“ во родното село на Чинго.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...