Вечерва македонска премиера на претставата „Отело“

71

По премиерата во Босанско народно позориште во Зеница на 16 ноември, претставата „Отело“ од Шекспир во режија на Нина Николиќ, која е копродукција меѓу театарот од Зеница и Македонскиот народен театар, вечерва од 20 часот ќе има и македонска премиера во МНТ.

Во проектот, во кој е вклучена и продукцијата „Перипетија“, играат актери од двете земји: Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Aлександар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ-Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед.

Се работи за ново читање на „Отело“, со радикален пристап кон Шекспировиот јазик и стил, што е и најочигледната интервенција на текстот. Јазикот е директен и лишен од поетичност, со што се акцентирани и нагласени теми актуелни и денес. Притоа, македонските и босанските актери во „Отело“ играат секој на својот мајчин јазик со што додатно се развива поигрувањето со говорот, како и прашањето на комуникација и меѓусебно разбирање.

Целта била да се истражи на кој начин и во која мера трансформацијата на јазикот и „преведувањето“ во современ говор може да влијае не само на изворниот Шекспиров ракопис, туку и на прашањата што ги нуди драмата. Според режисерката Николиќ, говорот е осовременет за ликовите да бидат поразбирливи, но не за да се поедностави приказната, туку таа да се зајакне. „Отело“, вели таа, зборува за непрепознавањето на знаците на потенцијално насилство кои неретко имаат фатален крај, а начинот на кој се третира текстот е во насока на актуализирање на темата и нејзино приближување најмногу до младата публика.

Идејата за осовременување на говорот произлегла од нејзината заедничка работа на текстот со драматургот Тамара Барачков. Сценографијата за оваа босанско-македонска „Отело“ ја изработи Вишња Вујовиќ, костимограф е Ивана Каранфиловска-Угуровска, на сценските движења работеше Димитриос Сотириу, а композитор на музиката е Дуке Бојаџиев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...