Фестивалот Танц фест 2018 својата програма ќе ја заврши вечерва, во 20 часот во Македонскиот народен театар, со претставата „Тишина, на турнеја сме!“. Компанијата „Покемон“ е една од најатрактивните француски танцови компании, кои ја негуваат синергијата помеѓу современиот танц и хип хопот. Танчерите, владеат со неверојатна техника и експресивност, имаат многу интернационални награда за своите изведби, а компанијата гостува на многу престижни фестивали ширум светот.
Кореографијата е на уметничкиот директор на компанијата Ријад Фгани, а настапуваат шест ексклузивни танчери: Хјацинте Валери, Хсисон Кевин, Микаел Инг, Фгани Дунуел, Мезаине Мехди, Бен џелоул Мехди и Бафинал Гаел.
„Тишина на турнеја сме!“ изобилува со несекојдневна експресија, извонредни тела кои се движат по сцената на експресивен начин, со цел да доловат атмосфера на живеење од 30 години на 20 век, во кои танцот има своја улога. Претставата е омаж на развојот на Киното во 30-тите години на 20 век и неговата уметничка експресија, на сцената се случува синергија на хип хоп движења, музикалните комедии на тоа време и современиот танц. Компанијата потекнува од градот Лијон, каде во 19 век браќата Лумие го измислуваат Киното. Црно-белиот филм е подлога за коларативен танц, низ музички ритмови кои варираат, како трибут на Киното и модерното време и потрага по нови димензии.
Компанијата „Cie Pockemon Crew“ е основана во 1997 година. Уметничкиот директор Ријад Фгани е член на компанијата од нејзиното основање, а уметничкото водство го презема во 2004 година. Во 2007 година компанијата го освојува првото место ма КБ шампионатот во Кореа. Фгани, како уметнички директор развива посебен стил, синергија на танц од различни стилови и артисити, како современи танчери, балерини, циркуски изведувачи, мимичари и актери. Тој прифаќа во 2005 година нови генерации на „брејк данс“ изведувачи, со кои развива сопствен метод на работа. Во 2003 година, компанијата започнува соработка и со Националната опера на Лион, која трае до денес. Идентитетот на компанијата е „Покемон“ огромната желба да го споделат искуството, експертизата и вредностите кои се поврзани со хип хопот. Секој танчер има свое место, базирано на неговата експресија, динамика, изворот на инспирација. Компанијата е во константна потрага по сопствен израз, а комбинацијата на нивната техника и естетика ги прави икони на танцовата сцена и новите генерации.
Фестивалот Танц фест е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје, а оваа претстава ќе се реализира и со поддршка на Францускиот институт во Македонија и Охридска банка.