Откорнати дрвја, скршени гранки, однесен покрив од зграда се дел од штетите што ги направи во Скопје синоќешниот силен ветер кој на моменти дуваше со 70 км на час.
Екипите на Град Скопје интервенираа на терен. Сообраќајот на булеверот Партизански одреди во Скопје беше блокиран од паднат покрив.
„Екипите се веќе излезени на терен и започнавме со отстранување на одлетаните кровови и паднатите дрва. Ве замолувам, секој поединечно, да внимава пред сѐ, за својата лична безбедност, но и безбедноста на другите луѓе и имоти. Состојбата се следи и се превземаат соодветни мерки“, напиша синоќа на својот профил на Фејсбук градоначалникот Петре Шилегов.
„Како резултат на силниот ветер, отстранети се кровни површини на неколку згради низ Карпош. Сите наши комунални служби излегуваат на терен, со цел справување со невремето. Комуналните служби на Карпош и јавните претпријатија на Град Скопје интензивно работат на расчистување на последиците од невремето. По прогнозите на УХМР, не се очекува ветер со истата јачина. Сепак, седете на безбедни и затворени места и алармирајте за евентуални штети“, порача синоќа градоначалникот на Карпош Стефан Богоев.