Ветерниот парк Богданци ќе се проширува со поголеми и помоќни турбини, со што ќе го зголемиме нашето производство на електрична енергија од обновливи извори, изјави денеска генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски при посетата на овој производствен капацитет.
Директорот Ковачевски беше информиран од страна на стручниот тим кој е задолжен за ветерниот парк дека техничката состојба на ветерниците е одлична и дека одржувањето и производниот процес течат без никакви проблеми.
Ветерниот парк Богданци во моментот работи со 16 турбини, кои во втората фаза која сега се спроведува ќе биде проширен со уште 4 турбини, со поголема моќност од постоечките. Со тоа, ветерната електрана од сегашните 36,8 MW инсталирана моќност, ќе биде заокружена на проектирана моќност од 50 MW.
Ковачевски денеска се сретна и со градоначалникот на општина Богданци, Блаже Шапов, на која средба се разгледуваа можностите за понатамошна соработка меѓу АД ЕСМ и општината, со оглед на тоа што ветерната електрана е лоцирана на територијата на оваа општина.