Веста на денот, барем за мене, денеска доаѓа од Финска. За својот 101. роденден, во Хелсинки, оваа земја добива библиотека вредна 98 милиони евра, во која ќе „работат“ и роботи-библиотекари. Огромната и преубава зграда е од дрво и од стакло, а се наоѓа наспроти парламентот. Прекрасен подарок.
Некој ќе праша, кој нормален на овој свет, при постоење на интернет и социјални мрежи, гради библиотека? Кој воопшто денес оди во библиотека? Според официјалната статистика, во Финска, земја со 5,5 милиони жители, годишно се позајмуваат 68 милиони книги. Во новата библиотека веќе има 100.000 книги, а во објектот има и студија за музичка и видео-продукција, кино и работилници со 3-Д принтери и ласерски режачи, сите бесплатни за јавноста. Дневно се очекуваат по околу 10.000 посетители.
Тоа е така зашто Финска е една од најписмените земји во светот (во 2016 година и официјално најписмена). Земјата речиси и да не знае што е тоа „одлив на мозици“. Како е постигнато тоа? Веројатно главниот „виновник“ е финскиот образовен систем, кој се смета за најнапреден во светот. Освен што школувањето е апсолутно бесплатно и децентрализирано, тајната на овој систем, граден од седумдесеттите години на минатиот век (значи, речиси 50 години), е во две клучни поенти:
Прво, Финска ги има не најплатените, туку најдобрите учители и професори. Да се биде учител во оваа земја е веројатно најпрестижната професија. Познатот дипломат и прв претседател на Финска избран на непосредни избори, Марти Ахтисари, бил печатарски работник, дрводелец и учител. Наставниците во Финска имаат голема автономија и тие се столб на образовниот систем.
Второ, целиот систем е поставен така децата да стекнуваат практични знаења и корисни вештини. Нема бубање, нема малтретирање со домашни работи, а сепак, со години учесниците од оваа земја постигнуваат највисоки резултати на меѓународните тестирања. Наставните програми се прилагодуваат индивидуално, според способностите, талентите и желбите на децата. И секако, финските ученици веднаш учат да направат свое резиме, портфолио или дури и свој веб-сајт.
И така некако, доаѓаме до најболното прашање – зошто ние не сме такви, односно зошто воопшто не се ни трудиме да станеме фини како Финците? Дали тоа ги надминува нашите „општествени капацитети“, што би рекле некои наши мудреци? Или, да бидам, груб, дали нашите деца се поглупави од децата во Финска?
Ма не… Нашите деца се срциња. Дајте им можност да научат нешто корисно, нешто што веќе сега им е неопходно во животот, па ќе видите колку се способни и талентирани. Од неодамна, на пример, наставниците сѐ почесто прифаќаат ученичките проекти да се изработат на компјутер и да се донесат на стикче. Можеби за година-две сите родители ќе се ослободат од губење време за цртање по хамери. Можеби наскоро родителите ќе бидат ослободени од обврската да „учат“ и да „пишуваат домашни“ заедно со своите деца, па така да добијат повеќе време со нив да се дружат и да се гушкаат. А можеби тоа и нема да се случи, не знам…
Зашто, ние сепак не сме Финци. Сме си се убедиле дека нашите „капацитети“ се ниски и дека за да го правиме она што го прават луѓето во оваа земја, една од најразвиените во светот, мора да се случи пресврт – некако да се раѓаме со готови капацитети, со родилниот лист да ни бидат издавани сертификати за генијалност и секако, членска карта за библиотека. А бидејќи такво нешто, нели, не е можно, кај нас вест на денот ќе биде што рекол некојси Нинџа или некоја друга минџа…