Весели во интервју за Гласот на Америка на албански јазик нагласи дека Приштина за трансформација на Безбедносните сили (ФСК) во војска на Косово има целосна поддршка од Соединетите Американски Држави.
– Нашата војска е војска на партнерство, не војска која ги загрозува соседите. Столтенберг повеќе треба да биде загрижен поради руските бази во Србија, во Ниш, отколку за силите кои се во партнерство со НАТО, кои се тесно поврзани со САД и членките на Алијансата – изјави Весели.
Пакетот закони со кои ФСК практично прераснуваат во војска на Косово ги помина законските процедури и задутре, 14 декември, се очекува да бидат изгласани во косовското Собрание. Трансформацијата ја поддржуваат сите албански и други несрпски партии во Собранието, а категорично се спротивставува партијата на косовските Срби, Српската листа.
Генералниот секретар на НАТО Столтенберг изјави дека повеќе сојузници во Алијансата се загрижени поради формирањето на војската на Косово и оцени дека постапката на Приштина е избрзана.