Претседателот на Собранието на Косово Кадри Весели денеска најави конкретни активности што наскоро ќе се преземат за формирање меѓународен суд кој ќе ги суди злосторствата на Србија во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Весели на прес-конференција информира дека веќе започнал консултации и процедури кои наскоро треба да резултираат со формирање на тој трибунал и дека сите дејствија се во согласност со косовското законодавство.
– Јас покренав иницијатива за започнување на процесот кој ќе резултира со формирањето меѓународен суд за масакрите извршени од Србија во Косово во 1998-99 година. Овој суд е можен и е неопходен и ќе се случи. Косовската држава има обврска да ги преземе сите дејствија за да го направи тоа неминовно. Патот на историското помирување и на постојаниот мир меѓу Косово и Србија поминува само преку правдата, изјави Весели.
Тој рече дека 186-те масакри извршени од Србија врз цивилното население во Косово бараат правдина и дека „нивното премолчување е немо простување на злосторнците“.
На српските воени криминалци кои се наоѓаат во Србија, Весели им порача дека ќе бидат фатени и судени за злосторствата што ги извршиле во Косово.
– Пораката за сите злосторници во Србија е јасна: Ќе ве фатиме сите. Ќе одговарате за тоа што им го сторивте на луѓето во Косово, од деца до старци кои беа невини, затоа што вие бевте неспособни да се соочите со нас, Ослободителната војска на Косово, рече Весели.
Спикерот на косовскиот Парламент изрази незадоволство од досегашните дејствија на меѓународните правни инситуции во однос на српските злосторства во Косово.
– Злосторствата и масакрите извршени од Србија во Косово имаат размери на геноцид. Ние верувавме дека меѓународната правда ќе го каже својот збор за казнување на тие злосторства. За жал, поминаа две децении и малку или ништо не е сторено во тој правец. Хашкиот трибунал ги остави на половина судските процеси против водачите на режимот на (Слободан) Милошевиќ, рече Весели.
Според него, ниту меѓународната правда во Косово не си ја завршила својата работа за казнување на тие злосторства, додека во српските судови се воделе лажни процеси.
– Србија, пак, се обидува да ја затвори оваа работа со организирање на лажни судења на нејзини офицери кои учествуваа во масакрите во Косово. Тоа е неприфатливо, изјави Весели.