Годинашен лауреат на највисокото „Рациново признание“ за 2019 година е професорот Венко Андоновски за неговиот роман „Припитомување на кучката – раскази за лудилото“ во издание на „ТРИ“, кое ќе биде доделено на годинашните 56-ти „Рацинови средби“ што на шести и седми јуни ќе се одржат во Велес, градот на поетот и револуционер.
Вака одлучи тричленото жири на манифестацијата, информира на денешната прес-конференција во ДПМ во Скопје претседателот на жирито Мишел Павловски.
Тој појасни дека во потесен избор за ова високо признание биле три книги, меѓу кои и книги од Ивица Челиковиќ и од Калистрат Санџаковски.
– Делото на Андоновски блика од приказичноста на животот. Тој е своевиден трактат за извитопереноста на поимањето на лудилото наспрема нормалното во сите негови нијанси и облици. Андоновски уште еднаш преку исечоците од животите на своите обични ликови ја слика паланечката култура и свест, тема на која Андоновски со задоволство се навраќа – нагласи Павловски.
Во своето обраќање до медиумите добитникот Венко Андоновски потсети дека е почестен што вторпат го добива ова високо признание со името на Рацин кое првпат го доби на почетокот на својата кариера во ноември 1993 година пред 26 години, за романот „Фрески и гротески“.
– Тогаш и сега повторно признанието го добивам за раскази бидејќи расказите влечат кон Велес и има некоја симболика во тоа. „Рациновото признание“ за мене отсекогаш било највисоко признание за проза во земјава поради името на Коста Солев Рацин и најголема чест е еден прозаист да го поврзе ова признание со своето име. Јас доколку сум успеал да се доближам до книжевнината на Рацин јас сум презадоволен и сум пресреќен што повторно сум добитник на оваа највисоко признание – потенцира Андоновски.
Како што соопшти градоначалникот Аце Коцевски и претседател на Организацискиот одбор на средбите што ги организира Општина Велес, добитник на Почесното Рациново признание за 2019 е проф. д-р Милан Јазбец, писател и професор на Универзитетот во Љубљана и актуелен амбасадор на Словенија во нашата земја.
Тој информира дека признанието му се доделува за неговата книжавна и преведувачка дејност на неговите книги од словенечки на македонски јазик, како што е неговото дело „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“, како и превод на други македонски автори на словенечки јазик и обратно.
„Рациновите средби“ годинава имаат и јубилеј, 80 години од издавањето на стихозбирката „Бели мугри “ на Рацин во 1939 година во Самобор, Хрватска, на македонски јазик со велешки дијалект во која се содржани 12 социјални и револуционерни песни.