Полицијата во Венецуела синоќа употреби солзавец врз учесниците на протестот на опозицијата во Каракас, а демонстрантите возвратиле со молотови коктели.
Привремениот претседател на Венецуела и опозициски лидер Хуан Гуаидо им порача на своите приврзаници дека протестите се неповратен процес и ќе продолжат секој ден додека не се постигне слобода.
– На вистински пат сме, нема враќање, порача Гуаидо.
Тој најави дека од денеска ќе почнат серија штрајкови, кои на крајот ќе доведат до генерален штрајк.
– Ако режимот мисли дека го извршивме максималниот притисок, тогаш не можат ниту да замислат колку ние можеме да издржиме, им се обрати Гуаидо на присутните.
Истовремено, во Каракас беа одржани и провладини протести, за кои претседателот Николас Мадуро вели дека биле организирани по повод 1 Мај.
Претходно Мадуро ги опиша приврзаниците на Гуаидо како „мала група“ чиј план не се реализирал, додека, пак, опозицискиот лидер повторно ги повика граѓаните на Венецуела да излезат на улици и да се заврши, според него, „последната фаза“ од соборувањето на Мадуро од власт.