Вашингтон протестира до Атина за повторниот излез на слобода на лидерот на „17 ноември“

121

Американскиот Стејт департмент синоќа изрази протест до грчката влада поради дозволата за петдневен излез од затвор на  Димитрис Куфодинас, „мозокот“ на грчката терористичка организација „17 ноември“, јави дописникиот на МИА од Вашингтон.

-Уште еднаш силно го осудуваме ослободувањето на терорист осуден за повеќекратни убиства, вклучувајќи го и убиството на Вилијам Норден, аташе за одбрана во нашата амбасада, и Роналд Стујарт, генерал на воздушните сили на САД, изјави Хедер Нојерт, портпарол на Стејт департментот.

Таа наведе дека Куфодинас во изминатата година четири пати добил дозвола за излез од затвор со повеќе од 11 денови на слобода. Овој пат излезот од затвор бил најдолг, пет денови.

– Овие излези на слобода се срамна неправда за семејствата на жртвите и можат да бидат иницијатива неговите анархистички следбеници во негово име да извршат нови чинови на насилство и деструкција, изјави таа, и додаде дека американската амбасада во Атина ја пренела загриженоста на Вашингтон за оваа одлука до властите во Грција.

Исто така додаде и дека САД не го прифаќаат фактот што осуден терорист, кој учествувал во убиства не само на американски државни службеници, туку и на службеници од други земји, вклучувајќи и невини граѓани на Грција, може да добие привремен излез на слобода.

Куфодинас е осуден на 11 доживотни затворски казна и на уште 25 години затвор за 11 убиства, меѓу кои и на поранешниот пратеник на Нова демократија и сопруг на поранешната шефица на грчката дипломатија, Дора Бакојани, Павлос Бакојанис во 1989 година.

На 5 септември 2002 година Куфодинас сам и се предаде на полицијата и рече дека ја презема одговорноста за активностите на „17 ноември“ и оттогаш се наоѓа во атинскиот затвор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...