Василичарски концерт „Легенди“, претстави во театрите од 21 јануари, a од утре во ТДМ

507

Националната опера и балет ќе ја почне 2020 година со традиционалниот гала концерт за празникот Василица. Годинава е насловен „Легенди“ („Legends“) и ќе има две изведби – на 12 и 13 јануари. Концертната програма ќе содржи избор на песни од најдобрите музички поп легенди во целосно нови симфониски аранжмани. Ќе настапат солисти, оркестарот и хорот на НОБ под диригентство на Бисера Чадловска.

Првиот програмски термин на Филхармонијата е закажан за 15 јануари – „Прекрасниот пат на свилата Лон Шансинг“ за кинеската Нова 2020 година, со оркестарска изведба на традиционални кинески инструменти. Ќе гостува танцов театар од провинцијата Гансу.

Македонскиот народен театар, Драмски театар и Театар Комедија првите претстави во новата година ќе ги имаат на 21 јануари. Според нивните репертоари, во Драмски претпремиерно ќе биде изведена претставата „Мојот маж“ по текст на Румена Бужаровска и режија на Нела Витошевиќ, во МНТ –  „Галеб“ на Нина Николиќ, а во Театар Комедија –  „Жена ми се вика Борис“.

Театарот за деца и младинци (ТДМ) утревечер од 19 часот ќе ја прикаже првата претстава во 2020 година – „Цветната улица“ од Киро Донев во режија на Наташа Поплавска.

Кинотеката од денеска до 18 јануари ја организира традиционалната програма за деца „Кино утро“ и за најмладите ќе прикаже десет играни и анимирани филмови, секој ден со почеток во 12 часот. Филмот со кој денеска ќе почне програмата е германскиот „Рафи“ во режија на Аренд Агте.

Во Кинотеката повторно ќе се прикажува и документарниот „Медена земја“ од 13 до 18 јануари во термини од 18 и од 20 часот. Филмот на Тамара Kотевска и Љубомир Стефанов, кој е во потесниот избор за „Оскар“ во две категории, од утре до идната среда од 20 часот ќе се прикажува и во кино „Милениум“.

Градското кино „Милениум“ по двата неработни дена вчера и завчера, денеска ја продолжува седмичната кинопрограма почната минатиот четврток. Четири филмски проекции се на денешната програма: „Џуманџи: следното ниво“ од 15.30 часот; „Минатиот Божик“ од 18 часот; „Војна на ѕвездите: Подемот на Скајвокер“ од 20.00 и македонскиот „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперковски од 22.30 часот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...