Школката во Градскиот парк повторно е ишарана, новата куќарка за книги во парк остана без рачка, додека на плоштадот „Македонија“ делови од споменици се оштетени и не се поправени. Уништувањето на јавните добра продолжува неказнето и покрај тоа што Град Скопје претходно најави засилен надзор врз спомениците и засилени инспекциски контроли.
На крајот од август, градоначалникот Петре Шилегов се пофали дека ја обновил Школката во Градскиот парк, за што Град Скопје од својот Буџет имаше одвоено 200.000 денари. Но, за само еден месец, таа е повторно обоена.
За ова побаравме став од Градот, прашувајќи и дали се планира ново бојадисување на школката, како и тоа дали се пронајдени сторителите.
– Вандализмот и уништувањето на урбаната опрема и другите јавни добра, и покрај сите апели на Градот, општините и нашите јавни претпријатија се, за жал, пречеста појава. Во насока на подобро зачувување на истите нашите редарски и инспекциски служби се константно на терен во насока на спречување на овие појави – одговорија од Градот.
Град Скопје тврди дека ќе ги санира оштетените делови на спомениците на плоштадот, а ознаките, онаму каде што се отстранети, ќе бидат повторно поставени. Неколку случаи биле пријавени до надлежните институции кои ги преземаат понатамошните мерки.
– Многу е лошо тоа што луѓето не се грижат за јавните добра во Скопје. Како да не е доволно тоа што фрлаат отпадоци и остатоци од цигари насекаде околу нив, па мора да се вандализираат и спомениците. Еве, дури и новата куќарка за книги е оставена без рачка. Зошто некој ја извадил, сигурно не било случајно, никој не би бил толку груб за да ја отвори вратичката. Можеби тоа е вина и на надлежните, немаме слушнато досега некој да добил каква било казна за сторено вакво или слично дело – вели загрижен скопјанец.
За тоа дали полицијата ги знае лицата кои направиле вандализам врз Школка и спомениците на плоштад, побаравме одговор и од Министерството за внатрешни работи. Чекавме околу месец дена, но за жал, досега не добивме одговор.