На 7. декември (петок) со почеток во 20 часот во галеријата „Колектив“ (Kolektiv Gallery) лоцирана на скопскиот плоштад, се организира мултикултурен настан кој на исто место и во исто време ќе ги обедини и музиката, и поезијата, и сликарството.
Креативната група Waldos е организатор на овој настан на кој ќе имате можност да чуете поезија (Ѓоко Здравевски, Исток Улчар, Андреј Ал Асадин), хип хоп артисти (Matej Foltz, Zee Bomb, Јоцифер, Туте), диџеј сетови (Dj Nina Off i Gligorije Violina, Oubli), а ќе можете да видите и изложба (Бурџу Мусли, Петар од Eternity Tattoo, Владимир Лукаш), да бидете сведоци на вајање во живо (Марко Лазов). Станува збор за проект (Waldos), создаден од млади слободноумни креативци со визија за понасмеано “денес”.
„Не ни беа јасни тие нијанси на сиво па одлучивме светот да го ишараме во нешто помило, колорично и живо. Нашата креативност ја изразуваме преку облека, музика, организирање настани, статии, видео контент, фотографии“, велат тие.
Waldos постојат неполна година и во овој период ја имаат претставено својата прва колекција на облека, а биле активни учесници и на други урбани скопски настани и во етерот ја имаат пуштено првата песна од серијалот Waldos 24/420.
„Веруваме дека за среќа се потребни двајца. Еден што несебично ја споделува и друг што со раширени раце ја дочекува“, велат младите креативци.