Важно е да победи демократскиот процес

903

Сите ќе треба да вложиме голем напор да успеат претседателските избори. Имено, желбите на Брисел, на нашата влада и на мнозинството граѓани за перфектни претседателски избори се едно, а нашата реалност и нашата традиција се друго. Ништо во нашата политика не е перфектно, а најмалку претседателските избори. Ние сеуште посегаме по она основното: претседателските кандидати, по завршувањето на изборите, во свое име и во име на партиите кои ги кандидираат, да си пружат рака признавајќи му ја победата и легитимитетот на опонентот. Се случи ли тоа на овие избори, ќе биде за прв пат во три децениската историја на демократскиот плурализам. Имено, ниту еден претседател досега не бил признат од опозицијата после општи избори. Слаби се шансите тоа да се случи овој пат, зашто при вакво ниво на доверба, ќе се најдат илјада причини тие да се оспорат, но вреди да гласаме и да се потрудиме да не биде така. Зашто, можно е дури и партиите да не го обезбедат потребниот цензус оти поминаа времињата на масовно полнење на избирачките кутии, тој срам на македонските избори.

За успешна демократија потребен е еден степен на доверба, а довербата е можеби главната причина заради која треба да сме загрижени за исходот од претседателските избори. Поточно, отсуството на доверба кај народот во политичките институции и процедури, како и отсуството на елементарна взаемна доверба меѓу партиите кои се натпреваруваат за своите кандидати.

Во првиот случај, кога станува збор за довербата на народот во политичките институции и процедури, тоа значи граѓаните, генерално, да чувствуваат дека политиката се грижи за нивните интереси. Да, народ кој верува дека државата работи во негов прилог ќе стори нешто за таа држава. Меѓутоа, сето она што се случуваше со нашата држава особено последнава декада, ја намали довербата на граѓаните во политичкиот процес и во институциите на претставничката демократија. Да бидете прогласени за state capture (заловена или заробена држава) од страна на ЕУ и на Америка, значи отворено да ви се каже дека власта во Македонија не се грижи примарно за граѓаните, туку за себе и за својата клиентела. Згора на ова, начинот на кој партиите се соочија со оваа драматична криза, натаму ја поткопа довербата на народот во власта. Опозицијата, фатена на дело како ја злоупотребува доверената власт, регистрирано во прислушуваните материјали, предолго одбива да превземе одговорност и така да го прекине циклусот на взаемно амнестирање на водствата на партиите за сторениот криминал, пракса по смената на секоја власт, од 1991 наваму. Согласно нашата политичка традиција, таа бара уште една амнестија. Упорноста со која го прави тоа, ја поткопува демократијата, но и ја дисквалификува неа, лишувајќи го општеството од еден нов демократски почеток. Мислам на почеток после кој односите помеѓу власта и опозицијата, за прв пат, би биле поставени на здрави демократски основи, а не на „партнерство во криминал“. Власта, од друга страна, не може да пристапи кон сериозна консолидација на демократскиот систем без опозиција која е спремна веднаш да ги прифати новите правила на игра диктирани од Вашингтон и Брисел, кои би ја вратиле довербата на народот во политичките институции и процедури. Главниот проблем со Специјалното јавно обвинителство е што ако му се даде време да ја утврди вистината, ќе се покаже дека се злоупотребувала власта, се крадело и се лажело, после што би следела правдата: затворски казни. Индициите дека и делови од власта се замешани во тој криминал, натаму ја усложнуваат приказната за тоа кој сѐ се  јавува во улога на кочничар на решавањето на статусот на Специјалното јавно обвинителство. Видливото бегање од вистината и од правдата само ја продлабочуваат недовербата кај граѓаните дека нема спас од корупција во политиката во Македонија. Страшно ќе биде за моралот на народот и за меѓународниот углед на државата ако не се разреши скандалот со прислушувањето на 20,000 граѓани во Македонија кој ја мобилизира домашната јавност и меѓународната политика во рушењето на режимот на Никола Груевски. Но, во прашање се лични судбини на политичари и тоа се челични врски на солидарност против кревката правда. Жестокото користење на Преспанскиот договор како инструмент за распалување на националистичките чувства на народот против актуелната власт, која извршила „предавство“ на нашите национални интереси, е само влог во оваа борба за лична спас на политичарите. Уште една игра со патриотските чувства на обичниот граѓанин чии емоции се злоупотребуваат од почетокот на спорот со Грција до денес. Таквото поведение го блокира просторот за градење на доверба помеѓу власта и народот, што би следело по консолидација на демократскиот систем и на правната држава, рушејќи ја и онаа мала доверба дека „некој таму горе“ се грижи за вистината и правдата и за народот. Оваа политичка состојба не ветува голем ентузијазам за било какви политички процедури, вклучувајќи ги и претстојните претседателските избори.

Вториот случај, отсуството на елементарна доверба меѓу партиите кои се во натпревар за своите кандидати за претседател, произлегува од сето кажано погоре. Нашите партии ја направија политиката „битка на живот и смрт“, нездрава состојба за секоја демократија и за довербата на граѓаните во политиката. Во вакви околности, претседателските кандидати од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се зафатени од партиските вртлози на длабоко поделеното македонско општество, состојба која не се надминува само со нивната пристојност или духовитост. Основното прашање не е дали е некој спремен да победи, туку дали е спремен да изгуби. Спремен ли е некој да ги загуби изборите? Мислам – не.

Недовербата меѓу партиите е таква, а влогот од исходот на партиската битка за контрола на претседателската функција е толку голем што си го поставувам прашањето: Како ќе реагира партијата која ќе почне да губи на претседателските избори? Дали ќе учествува во загубената игра до крај и ќе и даде легитимитет на победата на опонентот или ќе го опструира изборот на претседател на државата или легитимитетот на избраниот. Партиите се само групи на луѓе. Тие се однесуваат онака како што би се однесувал политичарот со наш менталитет, производ на нашата политичка култура. Нашето „нефер“ поведение во политиката е една константа, кое само кулминира во текот на изборите. Ако поведението на политичарите на една држава е „фер“ во секојдневната политика, може да се очекува тие така да се однесуваат и за време на изборите.

Без оглед на кажаново или можеби токму заради тоа, важно е граѓаните да излезат што помасовно на изборите и да гласаат и во првиот и во вториот круг. Така, да им одржат една лекција на политичарите. Зашто, почетна точка за надминување на длабоката недоверба во нашето општество е да победи демократскиот процес. Што од него ќе излезе, ќе видиме.

Извор: Инбокс 7

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...