Буџет 2020: За опозицијата предизборен и популистички, за власта развоен

Го жртвувате развојот на економијата и на државата, рече претседатеката на Комисијата за финансирање и буџет Лилјана Кузмановска.

51

Предлог буџетот на државата за следната година за кој денеска стартуваше расправа во матичната собраниска комисија, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, е нереален, неразвоен, само со социјална компонента и мерки кои се евтин предизборен популизам. Наспроти нивната оценка од парламентарното мнозинство оценија дека буџетската каса се заснова на реални проекти и ќе овозможи вложување во човечкиот капитал, поддршка на приватниот сектор, зголемување на потрошувачката со раст на платите и пензиите, реализација на инфраструктурни проекти.

– Ова е популистички и предизборен буџет со кој се потценуваат граѓаните затоа што се она што не можевте да им го дадете, го правите сега предизборно. Го жртвувате развојот на економијата и на државата – рече пратеничката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за финансирање и буџет Лилјана Кузмановска.

Граѓаните, смета таа, може да очекуваат реализација на само пет проценти од вкупните расходи за капитални инвестиции.

– Рековте дека е буџет кој ќе инвестира во човечкиот капитал. Што подразбирате вие кога во делот на образование најголемо зголемување има кај договорните услуги. Кај проекти во средно образование исто така најголема разлика има во договорни услуги. СДСМ ветуваше награди за најдобри наставници и учители, а износот за тоа е нула. Во делот на високото образование, ученички стандарди и студентски стандард има кратење, а и во делот на науката за 17 проценти – наведе Кузмановска.

Таа обвини и дека пред избори без никаква методологија се ветува зголемување на пензиите за 700 денари и оти се врши притисок врз приватниот сектор да ги зголеми платите иако, оцени, продуктивноста на домашаната економија се намалува. Вака проектиран буџет, смета Кузмановска, ќе има далекусежни последици.

За нејзиниот сопартиец Илија Димовски, целосно е неприфатлива тезата дека буџетот е насочен кон инвстиции во човечки капитал затоа што, како што оцени, тоа подразбира вложување во знаење, а не давање дополнителни пари.

– Инвестиција во човечки капитал не е да им дадете риба на луѓето, туку да ги научите да ловат. Ова е евтин популизам и груб обид за поткуп на изборите со државни пари – рече Димовски, оспорувајќи ги параметрите на кои се повикува Владата во проекцијата на буџетот.

Реплицирајќи, министерката за финансии Нина Ангеловска, рече дека и на неа и е омилена изреката со рибата и оти се согласува со неа.

– Кој ги учи децата како да ловат риба? Наставниците. Значи, треба да ги мотивираме наставниците да ги научат децата како да ловат риба и сите ние тука да се трудиме и да ги научиме наместо да им дадеме риба. Токму тоа и се прави, тоа е инвестирањето во човечкиот капитал – нагласи Ангеловска.

Во репликата на критиките од опозицијата нагласи дека буџетот е реално планиран, како и дека капиталните вложувања за 2020 не се за продолжување на стари проекти, туку дека за нови, односно што се почнати годинава или ќе почнат допрва. Ги отфрли и критиките на сметка на вложувањата во образованието и наведе дека завршната сметка покажува оти во 2016 година таму биле одвоени 22 милијарди денари, а сега тој износ е 28,3 милијарди денари, односно за 28 проценти повеќе.

Има, тврди Ангеловска, реален раст на платите, а на приватниот сектор му се подава рака за да ги задржи и мотивира вработените.

– Зголемени плати и пензии прават враќање назад на средствата бидејќи тие што ќе имаат плати ќе ги потрошат парите и ќе се креира економски раст. Ако ги цитирате Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, тие велат пониските даноци и повисоките пензии и плати се очекува да бидат дополнителен иако еднократен стимул на потрошувачката. Ние велиме БДП ќе биде придвижен од растот на потрошувачката како резултат на зголемени средства на граѓаните – посочи Ангеловска.

Негирајќи дека буџетот е неразвоен укажа дека години наназад соодносот на ставките за плати, капитални инвестици, стоки и трансфери е сличен.

– Буџетот е реално планиран на база на предвидувања и на реализација и не е во ред да коментираме само капитални инвестиции како бројка треба да се види и квалитетот. Ако за вас капитални расходи е купување мебел, мебелот и возилата се намалени како ставки во целиот износ – рече министерката за финансии во реплика на Кузмановска.

Панче Иванов од владејачката СДСМ оцени дека Предлог буџетот заслужува поддршка поради реалноста на проекции што се содржани во него, како и поради фокусот за вложување во човечки капитал.

– Реално остварлив буџет во согласност со проекциите и на домашната и на меѓународната јавност, како и во согласност со проекциите на НБРМ. Приходите и расходите се согласно растот на нашата економија, буџетските приходи се коректно проектирани, а расходните на начин да ја одразат намерата за инвестиции, пред се, во човечки капитал што е одлична опција. Тие секогаш значат подобрување на животот на граѓаните но и тие повеќекратно се враќаат – посочи Иванов.

Тој дополни дека проектираниот раст на БДП од 3,8 проценти се темели на растот на домашната економија во првата половина на 2019 година од 3,6 проценти како резултат на позитивни остварувања во сите дејности. Поддршката, дополни, е потребна и поради сите други предвидувања за раст на потрошувачката од 3,3 проценти, за намалување на невработеноста, реализацијата на капиталните инвестиции. …

Според Реџаил Исмаили од ДУИ, реално е буџетот да биде фокусиран на човечкиот капитал во ситуација кога од цел Западен Балкан вклучително и од државава има постојано иселување на младите и на експертите.

– Не постои Влада која нема да го насочи буџетот во инвестиции во човечки капитал. Буџетот е во насока на спречување на трендот не само во Македонија туку и во цел Западен Балкан. Ова е реалноста и ова мнозинство е задолжено да инвестира во човечки капитал и по можност да го намали овој тренд на заминување на нашите граѓани – рече Исмаили, оценувајќи дека ќе се постигне проектираниот економски раст од 3,6 проценти.

Буџетот за наредната година ќе изнесува 3,615 милијарди евра. Капиталните инвестиции се проектирани на ниво од 23 милијарди денари, а 56 отсто од вкупните буџетски расходи се за области врз кои се потпира човечкиот капитал. Буџетските проекции се врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП и дефицит од 2,3 отсто.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...