Рудникот за бакар и злато „Бучим“ ја доби дозволата за екслопатација на руда од новото рудно тело „Боров дол“. Заменик менаџерот на „Бучим“ – Радовиш“, Николајо Николов, за МИА вели дека дозволата e продолжување на векот и работата на рудникот, а вработените да останат и на своите работни места.
– Во подготовките на рудното тело, изградбата на подвижната лента од „Боров дол“ до рудникот „Бучим“ и други градежни активности ќе чинат околу 53 милиони евра. Сите овие активности треба да се одвиваат во текот на 2019 година, а рудата да почне да пристугнува во 2020 година од „Боров дол“. Доколку тоа не се случи, може да има застој во работењето на „Бучим“ – вели Николов.
Рудата која ќе пристигнува од „Боров дол“ на подвижната трака во должина од околу седум километри ќе се преработува во постојната флотација, а јаловината ќе се депонира исто така во постојното хидројаловиште.
Новото рудно тело „Боров дол“ се простира на територија на општините Конче, Штип и сосема мал дел е на Радовиш. Со стартот на експлоатацијата овие општини ќе добиваат и надомест од концесијата, која ја плаќа рудникот „Бучим“ на државата.