Министерството за култура денеска на својата веб-страницата ги објави резултатите од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година по дејности и области.
Предложена е поддршка за 2.781 проект од вкупно пристигнатите 5.560 проекти.
Меѓутоа, распределбата на парите во културата предизвика бура реакции.
„Атентат чија мета е и културата и здравиот разум!“, напиша режисерот Владимир Милчин на неговиот Фејсбук профил.
Со реакција се јави и актерот Един Јакуповиќ.
– Почитувани уметници, колеги денеска сум засрамен од чинот на министерство за култура, ова не е скандал, ова е срам! денес изгуби уметноста, денес уметникот е на маргините на сопствената почит! До денешен ден секој пат во секој разговор мечтаев да ја промовирам уметноста на новите генерации, денес се срамам од себе и од сопствената кауза „еднакво општество за сите” денес го погребавме еднакво општество… Почитувани, укинувањето на финансии за МАКФЕСТ, Валандово фест, намалување на само два проекти за Турски Театар е рамно на погребување на целата наша култура, фаворизирање на анонимуси во областа на издаваштвото и театарот е апсурд. Денес Турците, Бошњаците, Ромите, Албанците, Власите, Македонците ја изгубија сопствената душа – вели Јакуповиќ кој побара веднаш да се укине овој, како што вели, учетнички злочин, а одговорните веднаш да се повикаат на општествена одговорност.
Во низата реакции кои се редат се и и онаа од издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.
– Ова што се случи со Или-Или во програмата за оваа година е речиси исто со она што ни го направи Бети Канчевска Милевска пред две години. Не велам дека е намерно, но резултатот е тој. Работава е, драги мои, во коверти. Да, во коверти. Од оваа година пријавата за секоја книга требало да се стави во посебна коверта па таа да се стави во друга коверта и на неа да се напише адресата на министерството. Е ние, види не’ колку сме прости, пријавите за секоја книга посебно сме ги ставиле во посебни проѕирни папки, и сите заедно сме ги ставиле во една коверта а истата сме ја ставиле во друга коверта. И така со таа коверта голема како телевизор отидовме во писарницата на министерството да ги предадеме 10-те пријави за 10-те книги. Со Игор Анѓелков, и самите несигурни околу новата пракса, си рековме дека доколку има проблем ќе купиме 20 коверти, ќе седнеме во некое кафеанче во Дебар мало и како мали деца ќе ставаме, ќе пишуваме, ќе подлизнуваме и ќе лепиме, колку и да изгледа смешно и сулудо. Но не испадна така, во писарницата ни го примија телевизорот без проблем, им кажавме дека внатре имаме 10 пријави, и тоа беше тоа. И да, не се работеше за последниот ден од конкурсот кога има редици, нервози и можни недоразбирања. Не. И така, комисијата ни одобрува 9 книги, правната служба вели НЕ, тоа никако, не е законски, тие (Или-Или)се водат дека имаат само една пријава…и да не ве замарам. Имавме некои „ветувања“ дека ова ќе се реши но ете, ништо. Небитни работи, нели? Не отворале врати од Собрание па да им решаваме проблеми – вели Ненад Стевовиќ од ИЛИ-ИЛИ.
Реагираше и Бобан Милошески од Авалон продукција од каде аплицирале со проектот „Авалон Колинг“ во рамки на кој се предвидувале серија концерти.
– Доволно е само да се погледнат рутите на турнеите на Lenny Kravitz, Sting и на Eros Ramazzotti и да се види дека Авалон Продукција наместо да ги одржи концертите во многу поголеми маркети какви што се Хрватска и Србија, го одбра Скопје. Исто како што проектот Ohrid Calling наместо да го префрлиме на море во Албанија, од петни жили се трудиме да го задржиме во Охрид. Со сето ова, сакавме да дадеме реален придонес во годината во која на Македонија и` се отвораат евроатлантските перспективи во сегментот на работа во којшто сакале тоа да признаат другите или не, ние како независна продукција сме најквалитетни и најпотентни во целиот регион. А кога е ресорното министерство во прашање, бевме сигурни дека ќе биде препознаено дека со овие проекти не само што даваме огромен придонес на неверојатно ниското ниво на култура во Република Македонија, туку и дека за прв пат со вакви четири сериозно големи проекти сме апсолутни регионални лидери. Не можам да кажам дека сум изненаден, туку едноставно сум шокиран како ова не е препознаено од Министерството за култура кое нема никаква друга работа, туку да препознава и да поддржува вакви идеи – вели Милошески.