Лидерот на протестите во Алжир, Мустафа Букаки, синоќа го одби обидот на армијата да го прогласи за неспособен за извршување на претседателската функција Абделазиз Бутефлика, истакнувајќи оти народот сака консензуална национална влада.
– Народот на Алжир не прифаќа Владата или симболот на овој систем да го уредуваат транзицискиот период – посочи Букаки.
Заменик-министерот за одбрана на Алжир, Ахмед Гаид Салах вчера побара шефот на државата 82-годишниот Бутефлика да замине од функцијата, истакнувајќи дека смета оти барањата на демонстрантите се оправдани, по еден месец масовни протести против претседателот.
Салах, кој истовремено е и началник на Генералштабот на Народната армија на Алжир, повика на примена на член 102 од Уставот, кој предвидува дека во случај на долга и тешка болест на претседателот, Уставниот суд може да му предложи на Собранието тој да биде прогласен за неспособен за вршење на функцијата.
Ако такво барање во Парламентот добие двотретинска поддршка, тогаш претседателот на Собранието ќе биде назначен за привремен вршител на должноста шеф на државата, но тоа би значело и распишување на предвремени претседателски избори, појасни Салах.
Околу 2.000 луѓе вчера се собраа во центарот на Алжир, барајќи оставка од претседателот Бутефлика, кој е еден од серијата протести што неколку недели редовно се одржуваат во земјата.
Демонстрантите, исто така, постојано повикуваа на започнување на процесот во согласност со член 102 од Уставот на Алжир, за време на масовните демонстрации кои се одржуваат во тој град секој петок од 22 февруари.