Театарската режисерка Зоја Бузалковска со писмо до премиерот Зоран Заев, поднесе оставка од Советот за култура. Нејзиниот чекор е испровоциран од годишната програма на Министерството за култура.
„Вие г-дине Заев, не ја ставивте културата ПОД ТОЧКА РАЗНО, вие ЈА ЖРТВУВАВТЕ! Секогаш кога Ви е потребен „пазар“ за одлуки и гласови, прво посегнувате по КУЛТУРАТА и по ОБРАЗОВАНИЕТО! Тоа само говори за тоа, колку Вие и не го разбирате нивното огромно, суштествено значење за една држава, и посебно за нашава, која претендира да биде дел од едно пошироко европско семејство (бидејќи, сфаќам, тоа Ви е во моментов најважно).
Премиере, имав голема до/верба во Вас. Но, вашата политика е неконсеквентна. Денес нешто одлично, утре нешто катастрофално. Изградете систем! Вака, сè зависи од некаков етно-базиран компромис или меѓупартиски договор, а не од стручност и компетенција. Сè додека не покажете дека Вие ја водите Владата и дека Вие сте одговорен за секој министер и за неговите постапки, зашто изборот е Ваш, позитивните резултати ќе бидат инцидент, а не систем, ќе бидат пријатно изненадување, а не секојдневие на добро работење. Вие од мене побаравте поддршка и мислење. Јас од Вас сега барам јасни, конкретни, бескомпромисни постапки, од кои ќе ми стане видливо дека сте ме разбрале! Такви постапки засега правите само на едно поле, само по едно прашање, за што Ви се восхитувам, но за тоа да биде така, жрвувавте многу, а има опасност да жртвувате и сè,” вели Бузалковска во писмото до премиерот кое го објави на својот профил на Фејсбук.